ВМРО-ДПМНЕ: Соседите не може да најдат друг политичар како Заев кој што го пцуе својот народ, затоа го сакаат

by Fokus

Уште еднаш се покажа дека Зоран Заев и СДСМ се тотално однародени. Додека рејтингот меѓу македонските граѓани им е во континуиран пад, политичарите од соседството го посочуваат Заев како посакуван политичар во Македонија. Причината е јасна, нема да најдат друг политичар кој што може да ја витка кичмата, да ги распродава националните и државните интереси и да го погазува достоинството на својот народ и својата држава, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

-Па зарем грчките, бугарските или било кои други соседни политичари може да најдат друг политичар кој што ги пцуе и навредува својот народ и својата држава. Одговорот е не, само Зоран Заев е таков човек. Тоа е легитимно за соседните политичари, но е штетно за Македонија и граѓаните. Постојат сериозни сомнежи дека зад оваа политика на попустливост на Заев кон Бугарија и други земји, стои и некаков друг директен интерес или можеби уцена кон Зоран Заев. Дали интересот или уцената се причината заради кои што е спремен да тргува со македонскиот јазик, македонската историја и ликот и делото на македонските дејци?, прашуваат од опозицијата.

Според нив веќе има и јавно сведоштво кое посочува дека криминалните активности кои се случувале во Македонија, а во кои длабоко е вплеткан Зоран Заев и негови блиски луѓе, се предмет на истрага на странски обвинители, што сугерира дека за тоа постојат сериозни докази и истите се користат за влијание врз него.

-Затоа е потребно Македонија да изгради јасни и цврсти национални позиции по вака клучни прашања. Затоа е потребно Заев да биде поразен на престојните избори, бидејќи македонските граѓани не гласаат за интересот на странските политичари, туку гласаат за својот интерес и интересот на својата држава Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости