ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и ДУИ за палење на депониите

by valentina 21:59
21:59

Злосторничкото здружение ДУИ–СДС, неможејќи да го прифати фактот дека се поразени и дека граѓаните ја враќаат државата на прав пат, прибегнува кон најопасни и криминални методи. Наместо политики, подметнуваат чад и отров палејќи ги скопските депонии, обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

-Откако не им успеа подметнувањето на пожарите ова лето низ селата и градовите во Македонија, сега се одлучија за нов, последен очајнички потег: палење на депониите во Скопје со цел да предизвикаат страв, незадоволство и хаос меѓу граѓаните. Со тоа не само што прават тешко кривично дело, туку свесно го уништуваат и здравјето на скопјани, што е политичко безобразие од најекстремен вид“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, со години СДСМ и ДУИ управувале со депониите „Дрисла“ и „Вардариште“, тие ги поставувале директорите, воделе политики, ветувале фабрика за селекција на отпад, зелена зона и чист воздух.

„Сè остана само на хартија. Единствено што оставија зад себе е смет, диви депонии и труење на луѓето. Спротивно на тоа, скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години реализираат конкретни проекти за чистење и уредување на јавните површини, за воспоставување систем за селекција на отпад и за зајакнување на јавната хигиена. Владата во изминатата година започна процес на темелна ревизија на целата еколошка политика и подготви нови проекти за модернизација на ‘Дрисла’, за затворање на дивите депонии и за воспоставување европски стандарди за управување со отпад. Тоа е вистинската разлика меѓу криминалното наследство на СДС–ДУИ и одговорниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ поставија неколку прашања:

1. Како тоа баш пред локални избори почнаа да „горат“ депониите?

2. Како тоа токму сега „Дрисла“ почна да загадува и да гори отпад?

3. Дали постои организирана структура зад ова?

Партијата ги повика Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство итно да спроведат темелна истрага за инволвираноста на двете партии во, според нив, намерното палење депонии.

„Денес, наместо да одговараат за националните порази и еколошките катастрофи што ги предизвикаа, тие повторно се обидуваат да ја запалат вистината и да го задушат Скопје. Граѓаните добро знаат: вистинската еколошка катастрофа се вика СДС–ДУИ“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични вести