ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозициската СДСМ дека се наоѓа во сериозен политички пад, оценувајќи дека лидерот Венко Филипче „слави туѓи изборни победи“ наместо да се соочи со состојбата во сопствената партија.
Од владејачката партијата посочуваат дека на парламентарните избори во 2024 година СДСМ освоила 18 пратеници, што го оценуваат како најслаб резултат во нејзината историја, додека на локалните избори минатата година поддршката се свела на околу 130 илјади гласови.
„Ако трендот продолжи со ист интензитет, следните избори може да ја донесат бројката под 100 илјади. Катастрофата веќе се случува кај СДС. А Филипче слави“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, лидерот на СДСМ „одлучил да прослави победа на политичка партија во друга земја како да е негова лична победа“, иако, како што додаваат, станува збор за сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, додека „сестринската партија на СДСМ на истите избори доживеала дебакл“.
Од таму алудираат на изборите во Унгарија, по кои СДСМ ја поздрави победата на ТИСА над ФИДЕС, која е дел од Европската народна партија.