ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција: Зошто молчат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

by fokus

По изјавата на вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, дека 90 проценти од времето на лидерските средби било потрошено на барањето на Мицковски за амнестија и дека за уставните измени ќе ја имаат поддршката на дел од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, молк од раководството на ДПМНЕ и од пратеничката група.

Според Демократската фракција, немањето храброст да се излезе во јавност и да се демантираат тврдењата не е својствено за сериозна национална партија и за пратеничка група која држи до себе и до своите чесни патриотски и национални намери и ставови. Молчењето е одобрување и потврда на кажаното.

„За актуелното партиско раководство ни е познато сè досега и илузорно е понатаму да бараме демант на ова тврдење и затоа ги оставаме и понатаму да калкулираат на сопствена штета. Но, не можеме да сфатиме како и зошто народните избраници на ВМРО ДПМНЕ молчат. Жално е што ставот на пратеникот Антонио Милошоски околу референдумот и се после него, остана осамен и не беше јавно и гласно поддржан од членовите на останатите десет пратенички групации на партијата. Тоа јасно укажува на недостојност и немање капацитет да се биде на висина на пратеничката функција односно да се биде избраник на народот“, се вели во соопштението за јавност од Демократската фракција.

Од таму додаваат дека секое нивно понатамошно молчење, јавно неизјаснување и калкулирање по однос на клучните прашања ќе го сметаат за спротивно на националните и државни интереси и на духовните принципи и вредности втемелени во македонската вековна историја и традиција.

Поврзани новости