Владиката Петар за ,,Фокус”: Кога ќе излезам од болница ќе кажам зошто се лекувавме во приватна клиника!

by fokus 10:56
10:56

Најпрвин да им порачам на верниците дека сум добар, чекам негативен тест, по што ќе бидам пуштен на домашно лекување. Исто и Владиката Агатангел е во добра состојба, тој беше хоспитализиран една недела после мене. На вашето прашање зошто ние, Владиците се лекуваме од Ковид-19 во приватната болница Систина, и дали немаме верба во јавното здравство, ќе го дадам одговорот кога ќе излезам од болница – вака во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува Владиката Петар.

Веста дека Владиците се лекуваат од корона вирус во приватна болница, од вчера е топ тема во земјава, со оглед на тоа што цените за тамошниот престој се случува да надминат и над десет илјади евра.

- Advertisements -

Сепак, Владиката Петар, кој веќе 20 дена бил хоспитализиран, вели дека не знае точно колку ќе изнесува нивното лекување.

-Кога бевме примени, нормално, плативме депозит. Дури откако ќе бидеме отпуштени од болница, ќе ја знаеме точната сума на лекувањето. Сакам да појаснам дека ние не сме овде туку – така, значи не бевме со благи симптоми, јас сум во ризичните групи, имам 75 години, додека Повардарскиот Митрополит Агатангел е девет години помлад од мене. Ако се било така лесно, немаше воопшто да бидеме хоспитализирани. Значи, со причина сме во приватна болница, молам за трпение, ќе појаснам се кога ќе излезам од болница – вели Владиката Петар.

Тој додава дека од неговата епархија досега починале двајца свештеници, позитивни на вирусот. Едниот бил млад човек, додека другиот бил повозрасен.

-Помладиот, не знам зошто, подоцна се јавил во болница, додека повозрасниот за цело време се лекуваше во болница. И двајцата ја изгубија битката. Вирусот е опасен, не е игра – вели тој.

На прашањето дали и како црквата му помогнала на народот, во време на пандемија, кога многумина собираат донации за лекување, голем број на луѓе ги изгубија работните места или пак живеат со намалени приходи, Владиката Петар вели дека секогаш, на секој собир, помагале така што апелирале за почитување на мерките за заштита од вирусот.

-Секако дека сме помагале. Редовно на верниците им кажувавме дека мора да се почитуваат мерките. Имавме случаи кога верници дури и ни викаа, зошто постојано тоа им го кажуваме, ги потсетуваме на мерките. Сепак, тоа е наша човечка должност – раскажа Владиката Петар.

Вики Клинчарова

Поврзани новости