Владата планира да потроши 690.000 евра за барокна ограда

by fokus

Службата за општи и заеднички работи на Владата планира да потроши 690.000 евра за изработка и монтажа на оградата, која ќе се постави околу барокната зграда, на Илинденска бр.2.

Оваа сума, без вклучено ДДВ, е објавена во огласот, кој вчера беше осамна на сајтот на Бирото за јавни набавки, со кој се бара изведувач на оградата. Но, сепак ова не е прецизната сума која ќе се потроши, бидејќи точната вредност на оградата ќе биде позната откако ќе биде склучен договор за изработка. Во огласот нема детали за тоа како ќе изгледа оградата, но пред неколку месеци се појави информацијата дека ќе биде изработена од ковано железо. Тогаш од Владата убедуваа дека оградата нема да чини скапо.

Интересно е што владината зграда за прв пат ќе биде оградена. Таа откако е изградена, никогаш немала ограда или, пак, некаква заштита. Затоа останува нејасно од кого и што сега ќе штити владата?

-Нема ништо чудно. Ниту се штитиме, ниту, криеме од некого. Нели, секоја куќа има ограда, секој двор, плац е ограден, па, така нормално е и околу овој објект да се постави ограда, изјави во јули Васе Доневски, директор на владината служба за општи и заеднички работи.

За доизградба на Владата неодамна беше објавено и дека ќе се потрошат уште четири милиони евра за ентериерно уредување.

Вкупниот цех кој го достигна Владата за реконструкцијата на објектот до сега изнесува 16 милиони евра, а обновата се уште не е завршена.

Поврзани новости