Владата ќе дава по 15.000 денари за одмор на работниците со мали плати

by Fokus

Министерството за економија и годинава ќе носи работници со ниски примања на годишен одмор.

Доколку во едно семејство нето платата не надминува месечно 22.000 денари, може да конкурира за организиран одмор, односно за субвенциониран одмор од Владата со 15.000 денари. За ова денеска информираше министерот Бектеши кој каже дека од буџетот за оваа мерка се издвоени 20 милиони денари.

„Сите вработени кои ги исполнуваат условите месечните примања во семејството да не надминуваат нето приход од вкупно 22.000 денари, ќе имаат право на субвенции од 15.000 денари. Корисниците на овие ваучери ќе имаат на располагање голем број категоризирани хотели во земјата за сместување кои се претходно пријавени во Министерството за економија и со кои имаме склучено Договор за соработка“ истакна Бектеши.

Повикот е веќе објавен и граѓаните кои ги исполнуваат условите час поскоро да ги подготват документите и да ги пратат во министерството за економија. Повикот ќе биде отворен до 30 Август годинава.

Документите потребни за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството за економија, како и деталите за потребната документација, а можат да се обезбедат и преку архивата на Министерството.

Минатата година со оваа мерка околу 1700 семејства искористија одмор низ туристичките места во државата.

Поврзани новости