Владата ја обнови работата на контакт центарот за поддршка во ковид-кризата

by Фокус

Владата на денешната седница, покрај одлуката за парична награда на македонските фудбалери, донесе одлука да ја обнови работата на контакт центарот наменет за поддршка на бизнисот и граѓаните во врска со економските прашања во услови на справување со кризата предизвикана од КОВИД-19.

„Компаниите и физичките лица со јавување на телефонските броеви на кол центарот ќе можат да ги добијат сите потребни информации и појаснувања во врска со начинот и можноста за користење на економски и други државни мерки поврзани со справување со состојбата со КОВИД-19“, соопштија од Владата.

Од таму додаваат дека бил разгледан и усвоен Меморандумот за разбирање помеѓу Владата и Европската банка за обнова и развој, кој се однесува на соработката за поддршка на процесот за членство во Европската Унија.

„Овој Меморандум има за цел да обезбеди рамка за соработка помеѓу Владата и Банката со цел поддршка на процесот за членство на земјата во Европската Унија преку комбинација на инвестиции и техничка помош и ќе се фокусира на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, на одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и на зајакнување на инвестициската клима и управување“, велат од Илинденска.

Поврзани новости