Владата ја демантира Антикорупциска: Немаме надлежност во случајот со градоначалникот Мерко

by Fokus

Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во целост ги демантира и ги оценува како паушални и неосновани обвинувањата од Државната комисија за спречување на корупцијата, а кои се однесуваат за наводно непостапување за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

„За жал, ДКСК предводена од претседателката Ивановска, во обид да ги оправда постапувањата или непостапувањата на ДКСК, се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали тие се надлежни или не за конретни случаи, а во тој контекст и со какви механизми располагаат“, соопшти Владата.

Во соопштението до јавноста од Владата им предочуваат на членовите на Антикорупциска комисија дека заменичката на претседателот на Владата, Славица Грковска, во согласност со овластувањето што го има од претседателот на Владата е задолжена за спроведување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други функционери избрани од Владата.

„Имајќи ја предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, вицепремиерката Грковска нема и не може да има надлежност врз функционер кој е избран на непосредни избори. Од тие причини, вицепремиерката Грковска во оваа насока може да даде само препораки во однос на почитување на принципите за добро владеење и ништо повеќе“, соопшти Владата.

Од Владата велат дека не е прв пат, Државната комисија за спречување на корупцијата до Кабинетот на вицепремиерката Грковска да доставува предмети за кои таа нема надлежност.

„Неодамна беше случајот со Агенција којашто за својата работа одговара пред Собранието. Ја потсетуваме ДКСК дека Кабинетот задолжен за политики за добро владеење не е истражен и обвинителски орган. Тоа значи дека сите случаи и информации кои пристигнуваат во Кабинетот се пренесуваат на надлежност на институциите кои според закон треба да постапуваат и да ги процесираат“, соопшти Владата.
Од Владата нагласуваат дека нејзините членови ниту можат, ниту смеат да ја преземат улогата на обвинителските и судските органи во државата.

„Факт е дека правосудните органи не испорачуваат задоволителни резултати во борбата со корупцијата, но тоа не значи дека треба да се наруши уставната поделба на власта, туку да се инсистира на доследни реформи и одговорност во нивните редови. Овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата има поддршка од Владата, како ниту еден состав претходно, особено во јакнење на капацитетите’, велат од Владата.
Од Владата потсетуваат дека од 2017 година досега има зголемување на буџетот на Антикорупциска комисија за 59 проценти.

„Во последните пет години бројот на вработени во Секретаријатот на Комисијата е двојно зголемен, додека во февруари 2021 година, со одлука на Владата обезбедени се нови просторни капацитети кои во целост ги исполнуваат нејзините потреби, а инсталирана е нова опрема обезбедена во 2018 година“, соопшти владата.

Поврзани новости