Владата го утврди предлог-законот за помилување

by fokus

Владата денеска го разгледа и утврди текстот на Предлог законот за помилување, предложен од Министерството за правда.

Причините за донесување нов Закон за помилување, според предлагачот, произлегуваат пред сѐ, од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување („Службен весник на РМ” бр. 20/93, 12/09 и 99/16), од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со законот.

Заради честите проблеми со коишто се соочува практиката, од аспект на неопходност од итност на постапката, во новиот Закон, како што е образложено од ресорното министерство, се предвидуваат рокови за постапување на учесниците во постапката за помилување. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими.

Односно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. А, една од најзначајните измени во законот е тоа дека претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Исто така се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени.

 

Поврзани новости