Владата да го напушти концептот на директно договарање за изградба на автопатските делници и да го спроведува јавно, реагираат организациите

by fokus

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изразува загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија ја договара изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10. Тие бараат Владата да го напушти концептот на директно договарање и планирањето на големите инфраструктурни проекти да го спроведува јавно, а реализацијата на проектите во конкурентна и транспарентна постапка.

-Од информациите кои и се достапни на јавноста не може да се утврди оправданост за најавеното склучување на директен договор за реализација на инфраструктурни проекти без да се примени Законот за јавни набавки. За нас како граѓани е исклучително важно целиот процес да биде транспарентен од објавување на оглас до склучување на договорот, да овозможи учество и еднаков третман на сите заинтересирани компании, да обезбеди правна заштита на сите учесници во постапката и секако она што е особено значајно да се овозможи надзор врз целата постапка од страна на надлежните институции, заинтересираната стручна јавност и граѓаните. Примената на посебно законско решение (lex specialis) е лош начин на управување со капитални инвестиции бидејќи се оневозможува натпревар помеѓу економските субјекти од земјава и странство и со себе вообичаено носи зголемен ризик од цени повисоки од пазарните. Вакви постапки сериозно можат да ги нарушат принципите за добро владеење и да доведат до можни злоупотреби. Воедно, еден од клучните аргументи којшто беше изнесен во јавноста од страна на претставниците на Владата во одбрана на концептот на примена на посебно законско решение и склучување на директен договор за изградба на автопатските делници, беа негативните последици од изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид. Но, укажуваме дека токму тој договор беше склучен без да се примени Законот за јавни набавки и со донесување на посебен Закон, се вели во реакцијата на Платформата на граѓански организации.

Поврзани новости