Пишува Атанас Костовски

Еднаш  во  емисија на една наша телевизија реков- во Јавниот сервис, во МТВ, по секое формирање на нова политичка партија кај нас, ние расформиравме по еден од постоечките оркестри! Нешто слично се случува и со спортската програма, но во обратна насока, па по секое отвотрање на нова телевизија –наместо да ја збогатуваме, ние ја загубивме квалитетната спопртска понуда!

Фудбалската лига на шампиони, Лигата на Европа, па ракометната Лига на шампиони, националната фудбалска репрезентација најчесто ја гледаме  на гости, во спортските обложувалници и со коментар на разбирлив странски јазик! По подолго време една  ексклузивна понуда се врати на нашите телевизиски екрани со коментар на македонски јазик. Лондонската трева и белата  тениска традиција доминира на програмата на 1ТВ, добар потег во вистинско време! На телевизискиот пазар не е ништо бесплатно, менаџментот на нашата најмлада телевизија реагираше професионално- во првата јунска половина на 2019  Вимблдон  е најесклузивната светска телевизиска понуда и програма, честитки за тоа! Навистина доаѓа време  кога задолжените “контролори“ на програмите на нашите телевизиски  куќи треба да подготват нови  “програмски ноти“! Барем на  еден емитуван час“демократски телефонски парламент“ пласирање  и на подруга програмска содржина, зошто да не и дел со спортска проблематика…Во секој случај , јулската горештина   за неколку степени ја чувствуваме попријатно  благодарение и тениските возбудувања од Лондон.

Најпознатата светска трева досега не ја виде ниту еден наш тенисер или тенисерка, мислам не заиграа таму. Традиционално таму има место за нашите најдобри судии и тоа, серазбира, далеку од централните терени и телевизиските камери. Во  тениската опен ереа од  1968 година, секоја година на Вимблдон, на неофицијалното светско првенство учествуваат по 128  тенисери и тенисерки  за поединечен пласман, по 64 двојки во двете конкуренции и 48 двојки во мешана конкуренција. На почетокот, на првиот турнир во 1877 година имаше само 22 тенисери,  англичанецот Спенсер Гор е првиот победник, подвигот на Мартина Навратилова и натаму ќе биде предизвик  и за мажите и жените,нејзините 20 трофеи (9 во поединечна конкуренција, 7 во женски и 4 во мешани двојки) се чини дека  нема да бидат  достигнати и во овој век!

Секогаш кога големите светски спортски спектакли ќе ни дојдат на гости во дневните соби, неизбежно се прашаме-  кога и ние ќе бидеме таму со наши екипи или поединци? Во тенисот например. Последната “балканска приказна“ во која главни актери се двајца Вимблдонски победници,открива само дел од формулата на успехот, односно долгиот и тежок пат до успехот , до  трофеиите, па ако сакате и до  парите. Ги изненади  сите одлуката на светскиот рекет бр.1 Србинот Новак Ѓоковиќ  во својот стручен штаб да го вклучи  и Хрватот Горан Иванишевиќ, па дури и најтврдокорните националисти во двете соседни земји останаа без збор! Популарниот Ноле од срце напиша:“Верувам дека многу луѓе се возбудија од нашата соработка, а посебно еден човек, шјор Ники Пилиќ. Ти благодарам што ми даде можност на Горан да му носам ужина и да му ги собирам  топките кога се подготвуваше за својот славен турнир на Вимблдон 2001 година.“ На 14 години Новак сонуваше да  игра како Горан, тогаш Иванишевиќ триумфираше во Вимблдон ( во финалето победа против Патрик Рафтер 3:2), по 10 години Ноле го оствари својот сон, победа во финалето против Рафаел Надал 3:1(6:4,6:1,1:6,6:3).  Новак Ѓоковиќ победи и во 2014,2015 и 2018 година, сега заедно и со помош на својот некогашен идол  го посакува петтиот триумф, сака да му се доближи на  големиот Роџер Федерер кој има 8 победи на нсајскапата светска трева. Татковците на Горан и на Новак ,покрај големиот талент  на нивните синови, најдобро го почувствуваа трнливиот пат до тенискиот успех.

Ги читам деновие реакциите на нашиот бегалец во Будимпешта  Никола Груевски за состојбите во нашата земја, но никако не ми бледнеат сликите на неговите  сервиси по  новоотворените тениски терени во  Зелениково, Илинден, Ново Село, Василево, Карбинци, Македонска Камениница, Македонски Брод, Ранковце, Петровац, Илинден, Крива Паланка, Виница, Сарај… Акцијата на Агенцијата за млади и спорт “изградба на 100 тениски игралишта“, бетонски терени опкружени со високи огради, требаше да  биде првиот чекор кон  нашето приклучување на европската просечност. Тенисот е повеќе од   белата бетонската подлога со димензии 23,77 (должина) и ширина 8,23 (за двојки 10,97 ) и рекет и неколку топчиња, тоа впрочем  најдобро го знаат родителите на нашите најдобри преставници во белиот спорт  Лина Ѓорѓевска и Томислав Јотовски. Тие и натаму  шетаат осамени по светските терени надевајки се дека со победи ќе  го свртат вниманието врз себе и ќе ја добијат потребната подршка за својот натамошен квалитетен подем.

Тенисот е и олимписки спорт, а  таму како и на гренд  слем  турнирите во Австралија, Франција, Англија и Америка  учествуваат само  натпреварувачите од “горниот тениски дом“. Таму којзнае кога ќе имаме свои тенисери, долг е патот до таму, впрочем како и нашето приклучување до Европската унија, зарне?

 

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.