Претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанок на кабинетот во Белата куќа изјави дека синоќа на Блискиот Исток е постигнат „историски успех“.
„Ја завршивме војната во Газа и всушност, во многу поголем обем, создадовме мир. Мислам дека тоа ќе биде траен мир, се надевам на вечен мир“, рече Трамп.
„Заложниците ќе бидат ослободени на почетокот на следната недела“
Тој додаде дека преостанатите заложници треба да бидат ослободени „во понеделник или вторник“.
„Нивното враќање е комплициран процес, тие се на места каде што не сакате да бидете“, рече тој.
Трамп нагласи дека тоа ќе биде „ден на радост“ и најави дека ќе се обиде да патува во регионот: „Одиме во Египет, каде што ќе имаме потпишување. Едно веќе е потпишано во мое име, но ќе направиме и официјално потпишување“.
Зборувајќи за иднината на Газа, тој рече дека областа „полека ќе се обновува“.
„Мислам дека ќе видите некои извонредни земји како доаѓаат, вложуваат многу пари и се грижат за работите“, додаде Трамп.