(Видео) Снегот предизвика проблеми во Бугарија, Романија и Србија: откажани летови, вонредна состојба прогласена во повеќе градови

by Fokus

Снегот што падна во соседните Романија и Бугарија предизвика колапс во сообраќајот, дрвја паднаа врз автомобили, а некои патишта се блокирани. Во Бугарија повеќе од 1.000 места се исклучени од електричната мрежа, а на многу места е прекинат патниот и железничкиот, а некаде и авиосообраќајот.

Поради вонредните временски услови, бугарскиот премиер Николај Денков свика вонредна седница на владата.

Состојбата е особено загрижувачка на североистокот на земјата, а дел од населението во Софија остана без струја.

Во многу делови од земјата врнежите од снег се придружени со силни налети на ветер, па владата прогласи вонредна состојба во повеќе региони.

Министерот за одбрана Тодор Тагарев најави дека армијата е во состојба на готовност, а одговорните се уште разговараат за тоа како ќе се одржува наставата во најтешко погодените региони, пренесе бугарската новинска агенција БТА.

Аеродромот во Софија работи со задоцнување, а откажани се и неколку меѓународни летови на аеродромот во Варна.

Снегот и ветерот го попречуваат и патниот и железничкиот сообраќај во соседна Романија, каде премиерот Марсел Чолаку свика состанок на претставниците на службите за итни случаи.

Поради обилните снежни врнежи, вонредна состојба е прогласена и во некои градови во Србија. Снегот кој веќе два дена непрекинато паѓа во Нова Варош, најмногу проблеми направи во електричната мрежа, па некои планински села 48 часа се без струја.

Поврзани новости