ВИДЕО Путин пречекан во Белград како рок ѕвезда

by fokus

Со големи почести и од голем број граѓани вчера беше пречекан рускиот претседател, Владимир Путин, во српската престолнина. Тој вчера слета на аеродромот во Белград, каде беше пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателите на двете пријателски земји си разменија и подароци. Путин доби шарпланинец по име Паша, шестмесечно куче на кое рускиот лидер посебно му се израдува.

Путин беше пречекан како рок ѕвезда. Српските медиуми ги покриваа сите детали од неговата еднодневна посета. Тој беше обезбедуван од 5.000 српски полицајци и припадници на тајните служби како и 300 до 350 припадници на руските безбедносни служби.

Пред храмот Свети Сава, пак, Путин беше пречекан од над стотина илјади луѓе. Меѓу нив беше и фолк ѕвездата, Светлана Цеца Ражнатовиќ, која го привлече вниманието на јавноста и медиумите.

Пред црквата Путин им се обрати на граѓаните на српски јазик.

„Ви благодарам за вашето пријателство“, рече тој кратко.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, пак, и овој пат ги покажа своите вокални способности. На свечената вечера која ја приреди Вучиќ, Дачиќ го зеде микрофонот во рака и ги запеа руските песни „Каљинка“ и „Рјабинушка“.

Главна тема на разговорите меѓу Путин и Вучиќ беа косовското прашање, енергетиката и гасното поврзување на Србија со Турски тек. Како што изјави Путин, Русија е подготвена да вложи милијадра и 400 милиони долари во гасната инфраструктура на Србија и додаде дека поврзувањето со Турски тек ќе зависи од ЕУ.

Во врска со Косово тој го спомена формирањето на косовската војска, што го окарактеризира како опасен чин со кој се крши меѓународното право.

По овој повод Вучиќ изјави дека Србија добива недвосмислена поддршка од Русија за ова прашање.

-Го информирав Путин за формирањето на косовската војска спротивно на резолуцијата 1224 и по ова прашање добивме подршка од рускиот претседател. Јас му кажав дека Србија е подготвена за разговори, за компромиси, но Србија не може да се согласи на понижување. Се плашам дека некои луѓе не се подготвени на компромиси, но ние и понатаму ќе истраеме  и тоа му го кажав и на Путин – рече српскиот претседател.

Посетата на Путин странските медиуми ја толкуваат како обид на Русија да ги зацврсти силните билатерални врски што ги има со Белград, за на тој начин да го задржи своето влијание на Балканот.

Поврзани новости