(Видео) Половина милион луѓе на улица – Германија се крена против екстремната десница

by Fokus

Околу половина милион луѓе протестираа низ Германија во текот на викендот против десничарскиот екстремизам, соопшти Министерството за внатрешни работи. Оттаму наведуваат бројки од 457.000 луѓе на 128 настани.

Поради недостиг на податоци од провинциите Хамбург, Мекленбург-Западна Померанија и Сар, ова е привремена бројка, изјави портпаролката на министерството, пренесува Дпа.

Според полицијата, повеќе од 150.000 луѓе се собрале во саботата пред зградата на Рајхстагот во Берлин, во која се наоѓа Долниот дом на германскиот парламент, на протест во корист на демократијата и толеранцијата.

Улични протести се одржаа во градовите и населбите низ Германија по извештајот објавен на 10 јануари од истражувачката новинарска група Коректив.

Извештајот открива детали од средбата во ноември меѓу екстремната десница и некои политичари од партијата Алтернатива за Германија, на која се разговараше за плановите за депортација на милиони луѓе од имигрантско потекло.

На собирот се разговараше за тоа како да се принудат голем број странски државјани, вклучително и баратели на азил, кои групата ги нарече „неасимилирани граѓани“ и имигранти со германски пасоши, да ја напуштат земјата, дури и под принуда.

Демонстрантите денеска уште еднаш најавија дека ќе излезат на улиците за да протестираат против десничарскиот екстремизам.

Се очекува на состанокот во Франкфурт да учествуваат околу 7.000 луѓе.

Поврзани новости