(ВИДЕО) Македонски фудбалер: Странски лекари ми ја спасија кариерата!

„Во Македонија тоа ќе беше потешко и ќе траеше подолго време“

by Fokus

Фудбалот не е лесен спорт, па голем дел од играчите низ својата кариера се соочиле голем број на повреди кои, или ги направиле посилни, или им го спречиле нивниот фудбалски развој.

Македонскиот интернационалец Стефан Јевтоски, кој настапува за Ујпеш од Унгарија, вторпат во својата кариера доживува тешка повреда – кинење на вкрстени лигаменти, а рехабилитацијата до првиот натпревар би требало да биде околу шест месеци.

Тој во разговор за „Фокус“ раскажува за своите тешки моменти кои го доживеал, но во ниту еден момент не се одлучил да се откаже од фудбалот.

„Оваа повреда ми се случи на 8-ми август, на натпревар против Дебрецен. Само што влегов во игра во 80-та минута, само 60 секунди подоцна имав дуел каде ми крцна коленото, но продолжив до крај. Го скинав предниот вкрстен лигамент на десното колено. Имав голем оток и немав функција на коленото, па морав да чекам еден месец да се смири и да одам на операција“, раскажува нашиот интернационалец.

Операцијата се случила во Белгија, а тој засега вежба во теретана и велосипед, па во јануари ќе следува трчањето и очекува дека во март повторно ќе се појави на фудбалските терени.

„Беше многу тежок момент за мене, затоа што ми се случува по вторпат. Но, во ниту еден момент не размислив за откажување. Само реков дека ова ќе ме направи посилен. Ми беше болно затоа што знам како оди овој процес и опоравувањето е долго.

 

До мене беа најблиските и ми помогнаа да не се оптеретувам многу и да не размислувам на лошо. Може да кажам дека лекарите тука ми ја спасија кариерата. Тоа во Македонија ќе одеше потешко и подолго. Сега се чувствувам многу добро и едвај чекам да се вратам на теренот“, додава Јевтоски.

Две години претходно, Јевтоски имал иста таква повреда додека настапувал во Украина, но од рехабилитацискиот процес има само лоши спомени.

„Кога настапував во Арсенал Киев во Украина во 2019 година, имав иста повреда и таму правев операција. Но, условите во тој клуб беа многу лоши и морав буквално се сам да организиран. Рехабилитацијата беше во Хрватска во Вараждин. Познавав еден добар физиотерапевт, кој ми помогна многу.

 

Подоцна, се вратив во Скопје и работев индивидуално со Јовица Кнежевиќ кој беше мој тренер и секогаш ми помагал. Од друга страна, тука во Унгарија сум презадоволен од третманот. Има двајца физиотерапевти кои се грижат за се. Условите тука се далеку понапред од условите во македонските клубови“, го заврши разговорот Јевтоски.

Toj во својата кариера настапуваше за Металург, а подоцна ги бранеше боите на Локомотив Пловдив, Вараждин а од 2019 до 2021 година повторно настапуваше во македонското првенство, овојпат за Работнички.

Поврзани новости