(Видео) Кузеска: Обвинителството да го испита влезот на „Алта банка“ или СДСМ ќе поднесе кривични пријави

by irena 11:40
11:40

Јавното обвинителство и обвинителот Ненад Савески мора веднаш да постапат и да ги испитаат сите околности околу влезот на „Алта банка“ во Македонија, побара денеска портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција. Доколку обвинителството не реагира, партијата најави дека сама ќе поднесе кривични пријави.

Од СДСМ истакнуваат дека по настаните во Србија, каде на банката ѝ е одземена дозволата, отворен е стечај и е уапсен сопственикот Давор Мацура, македонското обвинителство сè уште нема преземено соодветни чекори. Според партијата, Трајко Славески и премиерот Христијан Мицкоски овозможиле влез на банката во земјава и покрај претходните предупредувања и санкции од австриската FMA врз „Alta Group“ во 2024 година.

Кузеска потсети на член 13 од Законот за банки, според кој акционер со квалификувано учество не може да стане лице или правно лице контролирано од субјект на кој му е изречена прекршочна санкција.

„Славески морал да знае дека Алта Груп или Алта Банка никако не може да се стекне со статус квалификуван акционер и не смеел да дозволи влез на Алта Банка. Дополнително морал да ја погледне и репутацијата на сопственикот Давор Мацура, банкарот на Вучиќ кој стана банкар на Мицкоски а сега во притвор.“

Според тврдењата на СДСМ, Владата носела и заклучоци со кои му било овозможено на Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата, како и да купи осигурително друштво. Од опозициската партија обвинуваат дека молкот на обвинителството ја продлабочува недовербата и остава простор за уништување докази и заташкање на трансакциите.

„Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат.“

Кузеска го повика обвинителот Савески да ги одбие политичките притисоци и да работи според Уставот и законите, предупредувајќи дека во спротивно го чека одговорност.

„Нека не чека Савески повик од Мицкоски. Нека му ги одбиве повиците и нека постапува. Обвинителството има обврска кон граѓаните.“

 

Слични вести