(Видео) Богојески со нови навреди кон активистките: Ги нарече „хистерични кучкарки“ и ги обвини дека се платени за протести

by irena 11:27
11:27

Претседателот на Македонски концепт и професор на Воената академија, Петар Богојески, повторно предизвика реакции со своите изјави за жените и активистките. По неодамнешните контроверзни ставови за потребата од „машки надзор“ врз жените, Богојески сега упати низа навредливи квалификации кон дел од учесничките на протестот против фемицидите и институционалната негрижа, кој вчера се одржа во Скопје.

Во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, Богојески ги нарече дел од демонстрантките „хистерични кучкарки“, „комунистичка левичарска багра“ и „левичарска булумента“, истовремено тврдејќи дека одредени активисти добиваат пари за учество во протестите.

Обраќањето го започна со образложение дека се чувствувал повикан да одговори на критиките упатени кон него.

„Не дека имав намера да се замарам со таа комунистичка левичарска багра, него бидејќи бев прозван десетина пати, морам да дадам, нели, некаков одговор на сето тоа“, изјави Богојески.

Тој направи разлика меѓу граѓаните кои, според него, искрено протестираат поради убиствата на девојчиња и насилството врз жените и оние за кои тврди дека протестираат од политички и финансиски мотиви.

„А тоа се кучкарките и оние левичарски бандити кои се платени, земаат кеш за да го прават тоа што го прават и за да дејствуваат на тој начин хистерично“, рече Богојески, без да изнесе конкретни докази за ваквите тврдења.

Во продолжение, тој им порача на граѓаните да внимаваат со кого учествуваат на протести и кој ги организира собирите.

„Така да, внимавајте друг пат со кого излегувате на протести и кој ви ги води тие протести. Не платеници, хистерични кучкарки, кои ништо не постигнале во животот. Само мразат тие што нешто сме направиле“, изјави тој.

Богојески отиде и чекор понатаму, поврзувајќи ги своите идеолошки противници со насилството врз жените и тврдејќи дека токму нивните политики придонеле за состојбите во општеството.

„Така да, имате два пата кои ги бирате. Патот на хистеричните кучкарки, левичарска булумента, која ги донесе овие убиства и која го уништи општеството, не само во Македонија, насекаде низ светот“, рече Богојески.

На крајот од обраќањето, тој повторно упати навреди кон активистките, обвинувајќи ги дека протестите ги користат за добивање финансиски средства од странски организации и фондации.

„Доста беше од вриштење по улици на хистерични кучкарки за да заработат некој денар, по некое проектче од некоја амбасада или од некоја Сорос фондација“, порача Богојески.

Слични вести