Пред спортската сала „Борис Трајковски“, денес беа собрани десетици полициски возила и службеници. Како што информираат од кабинетот на министерот Наќе Чулев, кој бил присутен на снимањето, станува збор за снимање на спот за потребите на Министерството за внатрешни работи за одбележување на Денот на полицијата – 7 мај.
Дополнителната заменичка министерка Славјанка Петровска, пак, реагира дека Чулев се однесува несовесно и неодговорно со тоа што во услови на вонредна состојба и полициски час повлекол 80 возила и 100 полицајци за снимање на спот. Според неа, полициските службеници кои веќе 2 месеци деноноќно се на терен не треба да бидат искористени како статисти за снимање спот.
Во однос на тоа, Чулев истакна дека не се работи за никаква злоупотреба на полициските сили, туку, како што вели, за мал гест во знак на благодарност за секојдневната жртва на полициските службеници. Воедно, тој потенцира дека со денешните активности во ниту еден момент не се нарушени тековните активности на МВР.