Ковачев: Нема да дозволиме во ЕУ да влезе држава со фалсификувана историја

by Фокус

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој доаѓа од владејачата ГЕРБ на премиерот Борисов, во интервју за „360 степени“ вели дека македонскиот идентитет и јазик нема да загубат ништо ако Македонија ја прифати, како што вели, историската вистина.

-Рамковната позиција на Бугарија и Декларацијата на бугарскиот парламент одамна се познати. Со бугарската позиција веќе со децении се запознати сите македонски политичари и оние што биле на власт и во опозиција. Сум имал средби и со Груевски и со Мицкоски и со Заев, апсолутно со сите и тие многу добро знаат која е бугарската позиција. Да, треба да има напредок. Бугарија нема како да се согласи во ЕУ да влезе држава која својата национална доктрина или идеологија ја темелела на фалсификувана историја. Македонскиот идентитет, македонскиот јазик нема да загуби ништо, ниту уважувањето на Северна Македонија ќе биде помало ако таа ја прифати вистината – вели Ковачев.

Тој додава дека македонскиот јазик е современа реалност, но воедно нагласува дека таа современа реалност има недвосмислени бугарски корења.

-Современиот македонски книжевен јазик е базиран на бугарските наречја, на бугарските говори и како резултат на тоа е кодифициран во 1944-1945 година. Оттука, од бугарска страна нема реакција зашто бугарската позиција е да се признае историјата дека сме биле еден народ кој по историските случувања пред и по Втората светска војна ги разделил комунизмот, југокомунизмот… Биле разделени со многу насилство и затоа сега имаме современи реалности. Проблемот е во интерпретацијата на историјата која потекнува од југокомунизмот – вели Ковачев.

Во однос на Гоце Делчев, Ковачев вели дека нема дилеми дека тој му припаѓал на бугарскиот народ, исто како и, според него, другите револуционери.

-Со каков народ бил населен Кукуш кога во бугарско семејство, од бугарска мајка, од бугарски татко се родил Гоце Делчев? Во какво училиште учел, одел во военото училиште во Софија каде се образувал за да биде бугарски офицер… какви се спомените, зашто од прашањата гледам дека сакате да зборуваме за Гоце Делчев, на луѓето кои биле со Гоце Делчев? Какви спомени и писмени докази оставил тој за својот идентитет? Тука нема никакво разногласие дека по својата етничка припадност Делчев му припаѓал на бугарскиот народ – вели тој.

Поврзани новости