Вељановски рече дека последен ќе го напушти Собранието, сведочеше сведок на одбраната за 27 април

by Fokus

Вработената во собраниските служби, Светлана Наумова, која е сведок на одбраната во предметот на 27 април, сведочеше на денешното рочиште и рече дека вработените биле видно вознемирени од настаните кои се одвивдале во Собранието по упадот на насилната толпа.

Светлана како вработена во канцеларијата на тогашниот претседател Трајко Вељановски, повеќето од времето била покрај обвинетата секретарка на Вељановски, Елена Доцевска Божиновска, и обвинетиот Горан Гошевски, шеф на обезбедувањето на Вељановски.

Во еден момент вработените во секретарската канцеларија, биле повикани од Вељановски во неговиот кабинет. Таму, рече таа, се наоѓал пратеникот Антонио Милошоски.

-Началникот остана надвор да ја одврати толпата, но во еден момент ги повика Вељановски и Милошоски да излезат за толпата да види дека внатре нема никој што е скриен. По кратко време толпата стивна. Веднаш потоа падна метално копје со знаме пред вратата и се слушна дека началникот е повреден. Беше внесен во кабинетот, а дојде и медицинска екипа да му укаже прва помош. Се слушна пукотница, а потоа почувствувавме миризба и штипење на очите, снемуваше воздух во канцеларијата – рече Наумова.

Потоа таа раскажа дека во кабинетот влегле пратениците Владо Ѓорчев и Никола Тодоров, кои рекле дека се планира евакуација на пратениците и каков е планот.

-Претседавачот Вељановски рече дека кога ќе се евакуираат сите пратеници, ќе ја евакуираат и службата а дека тој ќе си замине на крај – рече таа и додаде дека службениците биле смирувани од Доцевска Божиновска која ги бодрела дека ако треба само тие како жени ќе го одбранат кабинетот.

М.В.

Поврзани новости