Васоски го напушта кормилото на Вардар: Не можам повеќе да го носам товарот!

by Fokus

Фудбалскиот клуб Вардар во пролетниот дел од сезоната ќе има нов тренер. Досегашниот тренер Александар Васоски на социјалните мрежи попладнево соопшти дека си заминува од функцијата.

„Факт е дека Вардар е последно место на табелата, што секако не му личи на клуб од реномето, меѓутоа проблемите кои веќе со години го мачат Вардар, не го одминаа и оваа сезона. Освоени се 17 бода, чисти како солза, без помош од пријатели. Играта од меч во меч се поправаше, многу шанси за жал не ги реализиравме. И со малку повеќе среќа ќе имавме 5-6 бода повеќе. Несреќна околност беше и повредата на Мицевски.

Огромна благодарност до в.д раководството на Вардар – `Комитите`, кои одвоија средства и помогнаа за функционирањето на клубот. Благодарност до навивачите, до администрацијата, вработените, а најголема благодарност до фудбалерите кои вложија натчовечки напори да се постигнат резултати.

Јас ветив дека до декември ќе останам да помогнам, се надевав дека ситуацијата ќе се подобри, меѓутоа очигледно се нема слух и стратегија од луѓето кои треба да донесат одлуки за доброто на клубот. Неможејќи повеќе да го носам овој товар на таквото функционирање, се повлекувам од тренерското место. На клубот му посакувам сè најдобро“ – се вели во изјавата на Васоски.

Поврзани новости