УВМК: Поради короната дел од вработените се во изолација, затоа граѓаните изводите ги добиваат побавно

by Fokus

Граѓаните веќе подолг период се жалат на бавната процедура на услугите на Управата за матична евиденција, за извод од матична книга на родени. Како што тврдат, понекогаш се чека и повеќе од една недела за умреница, а овие документи се итно потребни за завршување на други административни потреби.

– Почина мајка ми и за да ја извадам умреницата ми побараа оригинален извод од венчани за кој ме упатија во сосема друга општина и наместо да се заврши побрзо јас во целата таа болка и со оглед на заразата од корона морав да патувам. Навистина не разбирам зошто не можеа директно преку системот на исто место да ги добијам и двата документи, појаснува скопјанка за „Фокус“ соочена со бавната процедура за документите.

Граѓаните се жалат дека предолго се чека добивањето на изводи дури и по електронски пат. Според нив,  процедурата некогаш трае и по 10 дена.

– Поднесовме електронски за извод од матична книга на родени, но толку долго траеше процедурата што го испуштивме рокот за пријавување на мерката за владина помош. Не ми е јасно во време на пандемија зошто ова не може да биде поедноставно или барем да има некои олеснителни околности, вели граѓанин за „Фокус“

Од УМВК  појаснуваат дека процедурата е побавна поради намалениот број на кадар кој активно оди на работа.

-Вработените во УВМК како и сите се болни од ковид и имаме вработени во изолација. Значи работиме со помалку кадар и тој се ротира преку еден ден. Во матичното одделеније во Центар, Скопје, најголем е притисокот, затоа што се заведуваат речиси 2/3 од раѓањата и смртните случаи, особено сега во ковид пандемијата. Исто како и за останатите изводи и за умреница граѓаните може да аплицираат електронски и да ги добијат во местото каде аплицирале или по пошта. Изводите сега се изработуваат за максимум 7 работни дена. За пријавување на новороденче или пријавување на смрт не се аплицира електронски затоа што за ова се потребни и други документи, велат во својот одговор за „Фокус“ од управата за матична евиденција.

С.Т

Поврзани новости