Дел од самохраните родители повторно без помош, од Владата тврдат дека Центрите за социјална работа соодветно одговориле

by Fokus 18:31
18:31

Голем дел од самохраните родители кои поднесоа приговори бидејќи не се најдоа на листата како приматели на помошта од четвртиот пакет мерки, во текот на вчерашниот ден добија копи-пејст одговори дека се одбиени и нема да добијат 6.000 денари на своите сметки.

– Ги поднесов сите потребни документи, ме нема на листата, не ја знам причината, навистина не разбирам каков е тој одговор и какви проверки се направени според кои сум одбиена. Ова е срамота, вели револтирана мајка за „Фокус“.

- Advertisements -

Како што тврдат голем дел од самохраните мајки, ова е одговорот кој го добиле на своите мејлови и е сосема ист за сите:

-Почитувани. Во врска со Вашиот приговор поднесен на веб страната www.kupuvamdomasno.gov.mk на Владата на Република Северна Македонија, а во врска со Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади на возраст од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. Ве информираме дека по деталната проверка на службите во Владата на РСМ, проверката дали сте биле опфатени со претходните пакети мерки на Владата на РСМ, како и по дополнителна институционална проверка со надлежните институции и министерства ВАШИОТ ПРИГОВОР СЕ ОДБИВА.

Од Владата за „Фокус“ тврдат дека министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјални работа водат евиденција за лицата што се во социјален ризик и кои согласно Законот за социјална заштита се опфатени во системот на социјална заштита.

-Во оваа категорија влегуваат и самохраните родители корисници на конкретни права, со цел обезбедување на помош и поддршка за надминување на социјалниот проблем во кој се наоѓаат. Лицата кои не се во социјален ризик и кои, во согласност со Законот за социјалната заштита не се дел од системот на социјална заштита, не влегуваат во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјална работа. Финансиска поддршка добија самохраните родители кои влегуваат во категоријата предвидена во Законот за социјална заштита, според која како самохран родител се смета родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности. За таа цел Центрите за социјална работа беа  задолжени за спроведување на постапката и известување на граѓаните за потребната документација која треба да ја достават за утврдување на статусот на самохран родител на лицата кои аплицираа за остварување на финансиската поддршка, се вели во одговорот.

С.Т

Поврзани новости