Утре избори за ректор на УКИМ, тројца кандидати најавија бојкот

by Frosina Fakova

Професорите Драги Димитриевски, Петар Атанасов и Вујица Живковиќ денеска соопштија дека и покрај поднесените кандидатури, нема да учествуваат на утрешните избори за ректорт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), бидејќи, како што истакнаа, на Универзитетот му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура.

Атанасов изјави дека во текот на изминативе денови очекувале министерот за образование и наука Арбер Адеми, Државниот просветен инспекторат, како надлежна институција, како и останатите институции во државата да преземат дејствија во правец на заштита на законитоста, односно на сопирање на постапката за избор на ректор на УКИМ, но, како што рече професорот, за жал тоа не се случило.

– Поради тоа наша морална и академска должност е да преземе чекор со кој нема да бидеме соучесници во вакви скандалозни избори и ќе ги заштитиме колегите од притисоци и можни законски и други последици. Ние кандидатите за ректор, јавно изјавуваме дека ниту ги признаваме ниту ќе учествуваме на вакви недемократски избори за ректор на УКИМ закажани за утре, 26 јуни, нагласи Атанасов.

Тие бараат изборите за ректор да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.

Живковиќ нагласи дека, доколку останат во постапката ќе им дадат легитимитет на изборите.

– УКИМ заслужува фер демократски избори, па нека победи најдобриот, рече професорот Живковиќ.

Димитриевски упати апел до институциите да преземат одредени дејствија со цел да се сопре постапката за избор на ректор на УКИМ.

– Оваа е наш последен обид да укажеме на сето тоа и со ова ние го замрзнуваме нашето учество на утрешното гласање, истакна тој.

Вчера Уставниот суд поведе постапка на дополнувањето на иредбата која ја донесе Владата за ставање на изборите на УКИМ во мирување, а за утре се закажани редовните избори за ректор на најстариот универзитет во Македонија. Кандидат за ректор е и сегашниот, Никола Јанкуловски.

Поврзани новости