Уставноста на СЈО најверојатно ќе се оценува дури по изборите

by fokus

Уставниот суд ниту следната среда, на 30 ноември, нема да расправа за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО), бидејќи на дневниот ред кој што беше објавен предмалку, на сајтот на судот, не се наоѓа оваа иницијатива.

До одржувањето на предвремените парламентарни избори Уставниот суд треба да одржи уште една седница, на 7 декември. Доколку и тогаш оваа иницијатива не се најде на дневен ред, останува Уставниот суд да се произнесе дури по изборите.

Дневниот ред до неодамна го правеше судијката Елена Гошева, но откако на претседателското столче седна Никола Ивановски, сега тој е надлежен за неговата содржина. Но, и тој како и својата претходничка, од за нив познати причини, не ја земаат во работа оваа иницијатива, иако е поднесена уште пред една година, а пред 5 месеци беше дадена на судија известител.

Уставниот суд при оценување на уставноста на законот има можност да донесе два вида одлуки: една за укинување на целиот закон или за укинување на одреден член или членови од законот, и одлука за поништување на целиот закон или за поништување одреден член или членови од законот.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, на последната лидерска средба се договорија доколку Уставниот суд го укине СЈО, тие да го вратат во рок од пет дена, но тоа сега е оневозможено бидејќи Собранието е веќе распуштено. Токму затоа се инсистираше иницијативата да се разгледа пред распуштањето на Собранието.

Валентина Вурмо

Поврзани новости