Стотина граѓани викендов ја посетија првата Еко трампа организирана од Еко-свест во Скопје и повеќе од стотина користени предмети и парчиња облека добија нови сопственици.
Многу јакни, капути, фустани, ранчиња можеа да се најдат на Еко трампата, а меѓу предметите кои ги донесоа учесниците имаше и голем број книги, накит, реквизити за домашни миленичиња и многу други нешта кои можеби е невозможно да се најдат во продавниците низ Македонија.
-Не радува големата посетеност на настанот. Бројноста ни ги надмина очекувањата. Во воздухот се чувствуваше позитивната возбуда кај секој од учесниците кои имаа донесено предмети за размената, а речиси и да немаше некој кој не успеа да си најде и избере нешто за себе од донесените работи. Вистински успех е тоа како настанот е прифатен од граѓаните и затоа најавуваме нова Еко трампа која ќе се одржи набрзо.Упатуваме благодарност до волонтерите од „Еколошка заедница Орце“ при СУГС „Орце Николов“, кои се млади луѓе кои ги живеат постулатите позади Еко трампата, велат од „Еко свест“.
Намалувањето на конзумеризмот, одржливиот начин на живеење и поттикнување еко акции се нивната пасија. Организирањето на Еко-трампата за нив не беше ново, затоа што имаат искуство на ист настан во Сплит, Хрватска на проект организиран од страна на Милијана Богданоска од Еко-свест.
Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.









