Уште се проверува дали кучињата кои до смрт искасаа дете имале беснило

by fokus

Двете кучиња од расата „булмастиф“ кои учествуваа во несреќата што се случи пред речиси две недели, кога осумгодишно дете беше искасано до смрт во скопската населба Пинтија, се уште се под надзор на ветеринар и се проверува дали имале беснило, велат од Агенцијата за храна и ветереинарство за „Фокус“.

-Двете кучиња по издаден налог од официјален ветеринар, се уште се наоѓаат под петнаесетдневен надзор за болеста беснило кој во Центарот за дресура на Министерството за внатрешни работи во Хиподром го спроведува доктор по ветеринарна медицина.

Согласно одредбите од Законот за здравствена заштита и благосостојба на животните и Годишната наредба за здравствена заштита на животните за 2023 година, кучињата ќе останат под надзор до крајот на оваа работна недела, по што, зависно од тоа дали во овој временски период ќе појават симптоми на болеста или не, по завршување на опсервацијата ќе се спроведе тест за социјализација од страна на овластени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство, велат во одговорот за „Фокус“ од АХВ.

Оттаму додаваат дека врз основа на тестот ќе се утврдуваат и дополнителни мерки, доколку тоа го наложи констатираната фактичка состојба.

Од Обвинителството пак за „Фокус“ велат дека надлежниот обвините издава повеќе наредби и презема дејствија за да изврши проверки на сите околности.

-Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за настанот и вознемиреноста што тој ја предизвика, но во оваа фаза на постапката, додека не бидат завршени сите проверки, не сме во можност да споделиме детали за преземените дејствија, велат од обвинителството за „Фокус“.

На 11-ти овој месец осумгодишно дете само влегло во дворот на соседите кога немало никој и до смрт беше искасано. Семејството на детето и семејството кое ги чувало кучињата биле соседи и во добри односи. Кучињата биле во дворот заградени, не биле надвор, а детето влегло само во дворот на соседите, попладнето.

Адвокатот Јанаки Митровски за „Фокус“ тогаш изјави дека првично не очекува да има кривична одговорност за сопственикот на кучето.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости