Против двајца скопјани, но возраст од 55 и 57 години е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. Според полицијата И.Н. и Н.Н на почетокот на месецов со намера да препродаваат дрога, од непознато лице набавиле неопределена количина на наркотична дрога-хероин во нивниот дом, каде што дрогата ја препакувале во помали пакувања заради улична препродажба на уживатели на дрога.
„По претходно добиени оперативни сознанија и издадена Наредба за претрес на дом и други простории од Основен Суд Скопје 1 -Скопје, од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР-Скопје беше извршен претрес во домот на И.Н. во Скопје, каде е затекнат второпријавениот Н.Н., при што се пронајдени три полиетиленски паковки со непозната прашкаста материја, една дигитална вага, еден нож, една запалка со остатоци од непозната материја, една кеса со алуминиумска фолија, селотејп трака и дрвен толчник со остатоци од непозната прашкаста материја“, велат од МВР.
Од таму додаваат дека пронајдените предмети се одземени и со наредба од Основното јавно обвинителство – Скопје се предадени на вештачење во ОКТИВ при МВР на РМ. Со вештачењето е утврдено дека пронајдената прашкаста материја со нето масо од 432,4 грама претставува хероин, а детектирани се и 3,04 грама мешавина од кофеин и парацетамол (кои се користат за мешање на дрогата), како и траги од хероин на откриените и запленети предмети.