Уапсен е малолетник во Тетово – со возило без дозвола бегаше од полиција

by irena 13:29
13:29

Малолетник (17) од тетовското село Порој е уапсен откако со џип се обиде да избега од полициска контрола и при бегството удри во службено полициско возило, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Инцидентот се случи рано утринава меѓу 03:00 и 04:00 часот на улицата „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово, кога полициски службеници забележале патничко возило „џип“ со битолски регистарски таблички кое се движи во спротивен правец.

Според информациите од МВР, возачот не застанал на полициски знак за запирање, туку нагло сврте и со голема брзина продолжи да бега низ повеќе улици во градот, обидувајќи се да ја избегне контролата.

Бегството заврши на паркинг простор на улицата „Илинденска“, каде полициско возило „Шкода Јети“ се обиде да го запре. Во тој момент, малолетникот маневрираше со џипот и удри во службеното возило.

По извршените проверки било утврдено дека зад воланот се наоѓал 17-годишник кој нема возачка дозвола.

Малолетникот бил задржан, а во целиот случај бил вклучен и родител и адвокат, по што со него бил извршен службен разговор.

Возилото е одземено за понатамошна постапка.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава против него.

Слични вести