Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет денеска по средбата со претседателот Ѓорге Иванов предупреди дека поради политичката криза Македонија стагнира на патот кон ЕУ и побара демократско излезно решение.
„Оваа продолжена криза ја задржува Македонија на нејзиниот евроатланстки пат, а вам ви останува да најдете решение кое ќе биде засновано на демократските начела, пристојност и здрав разум. Само таквото решение може да биде одржливо. Кога ќе го пронајдете можете да сметате на нашата поддршка“, рече Туск.
Тој побара да не заострува кризата и да не се потпалува меѓуетнички конфликт:
„Дојдов со силна порака од институциите на Европската Унија. Единството е повеќе од потребно во вашата земја. Треба да се избегне меѓуетнички конфликт“.
Првиот човек на советот на ЕУ го потсети Иванов дека му одговорил на неговото писмо во почетокот на март околу изнаоѓањето на излез од тековната политичка криза.