Туфекџиќ контра Џафери: Парламентот мора да се свика, мандатот на пратениците е вратен во вонредна состојба!

by Фокус

Ивана Туфекџиќ, независна пратеничка која на последните избори беше избрана од листата на СДСМ, реагираше кон ставот на спикерот Талат Џафери дека не може да го свика парламентот бидејќи тој е распуштен, а пратениците веќе немаат мандат.

„Претседателот знае, и со искуството кое го има, а и како подносител на иницијативата за оценка на уставност на одлуката за распуштање во 2016 година, дека во одлуката на Уставен Суд јасно стои дека “мандатот на пратениците продолжува само во вонредна или воена состојба” и дека уставниот рок од 60 дена за предвремени избори не може да биде скратен. Избори на 12 април нема да има, бидејќи вонредната состојба ќе трае до 18 април, не само затоа што партиите така се договориле. Мене ми е јасна интенцијата да се спречи преседан, ама во моменти на вонредна состојба мандатот (ако веќе некој тврди дека бил изгубен) е вратен“, напиша пратеничката на фејсбук.

Ако останеме на оваа констатација од Џафери, прашува Туфекџиќ, тогаш кој ќе распише избори?

„Никој во овој момент нема причина да се бави со ова прашање, ама е од суштинска важност за праксата која ќе се создаде, за да нема опасни преседани, особено бидејќи вонредна состојба е веќе прогласена и мора да имаме предвид дека може да се случи тоа повторно и некогаш во иднина, а таа носи ограничување на правата и слободите на граѓаните затоа мора да има јасна пракса за во иднина. Оттука Собранието има должност да се свика, макар и онлајн да се одржи седницата, за да ја потврди вонредната состојба и за да ја поништи одлуката за распуштање на Парламентот“, истакна таа.

Поврзани новости