Текстот е објавен на 10 јуни во неделникот „Фокус“ во бројот 832
Пишувала
Мимоза РИСТОВА
Ако не сте го добиле по е-маил фајлот наречен ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА, тогаш сте пропуштиле голема игра, криенка со ДИК и со црвецот виспрен. Јас го добив писмото, па 2 дена си играв и уште не се доиграв. Имено, анонимниот весел математичар нѐ упати на неконзистентните бројки и пресметките од изборните резултати.
Тој нѐ упати на бројките на официјалната страница на ДИК, на којашто од 06.06.2011 до 12.06.2011 имаше една статистика, којашто беше мошне црвојадна. Бројките велеа дека во изборната единица 3 имаше вишок на преку 28 илјади гласачки ливчиња.
Во други, пак, две изборни единици се појавуваше кусок од десетици и стотици гласачки ливчиња. Севкупните резултати не штимаа за некаде околу 30 000 гласови. Црви на сомнеж, колку ви душа сака. И тоа, не мали, туку огромни. Калифорниски црви ме обземаа мене и мојот непосреден научен и образовен круг од граѓани на РМ, кои заедно со мене, низ пресметки и дебатирање се уверија во вистинитоста писмото на ВЕСЕЛИОТ МАТЕМАТИЧАР.
Додека барав правни совети, за тоа како да се тужи некој виновен за оваа, толку очигледна изборна измама (30 илјади разлика во важечки гласови), на 13.06.2011 година, наеднаш осамна новата статистика, со новите наштимани броеви, кои даваат салдо нула (бројот на луѓе што гласале е еднаков на збирот од важечки и неважечки ливчиња).
Ах, како да ви кажам, не сакам да е така, но овие од ДИК направија парцијална дератизација, та оставија живи да мрдаат и да глодаат три цели црвој во мојата глава.
Прво, заборавија да напишат дека страницата ја апдејтирале на 13.06.2011, туку си го оставија првиот датум 06.06.2011, што е невистина. А јас пак, пуста останала со око ќораво но цајканско, им ја уснимив со командата принт-скрин, и сега имам доказ дека интервенираа, менуваа и муваа, а се направија како да не било ништо.
Вториот останат црв е поради тоа што никаде не ги објавија бројките на пребројаните неупотребени гласачки ливчиња, коишто си постојат во записниците. Црвот ми шепти дека изгледа таа бројка ја чуваат во тајност за да на крајот во извештајот со нив ја порамнат разликата што ќе им се појави помеѓу збирот на употребени (гласани ливчиња) и неупотребени ливчиња и бројот на регистрирани гласачи.
Третиот црв е поради тоа што повторно си останаа во некои изборни единици непорамнати биланси, та недостигаат ливчиња. Каде отидоа по ѓаволите, се прашувам? Да не станаа парни локомотиви на Бугарскиот воз? Или сал црвот лажно ме инструира и ме труе со погрешна логика. Ете. Некој нека ми каже зошто ли зошто јас се повеќе црвјосувам во оваа хумусна почва Македонска. Да не е до мене?