По осми пат, Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје се приклучува кон Глобалната акција за солидарност по повод Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Денеска со чадори во рака, сексуалните работници, стриптизети и стриптизери, хот лајн операторки, ескорт девојки и момци, корисници на нивните услуги, активисти за човекови права и нивни поддржувачи ќе маршираат.
„Со овој настан би сакале да ја информираме јавноста за големиот број на сексуални работници во Македонија, и да ја пренесеме загрижувачката состојба за безбедноста и условите во кои што тие живеат и работат. Во последните неколку години, најлошите и најраспространети насилства врз сексуалните работници ширум светот произлегуваат од хистеријата поврзана со трговијата со луѓе, пропаганда која предизвикува морална паника и од која стравуваат самите сексуални работници. Стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат сексуалните работници, не ги охрабрува истите да ги пријавуваат во полиција делата од омраза извршени врз нив. Тие остануваат безгласни, а насилниците се и понатаму на слобода, велат организаторите.