„Ревидирајте го Пржино“

by Фокус 14:58
14:58

пишува Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Сите рокови кои Договорот од Пржино ги пропишува беа пробиени и неиспочитувани. Клучните критериуми за успешна имплементација на Договорот од Пржино и понатаму не се почитуваат. Предусловите за спроведуваењена фер и демократски избори се губат некаде во крајно загадениот воздух над Македонија. На четири месеци пред оддржувањето на предвремените избори, нема никаков напредок во ниту еден од петте главни забелешки на последниот  Извештај на Европската комисија. Ниту пак сериозно се работи на забелешките од Извештајот на Рајнхард Прибе, кој пак е најдобриот и најреален скрининг кој некогаш воопшто сме го добиле од некој странски експерт или организација до сега. Ако се согласиме дека Договорот од Пржино не треба да се перцепира како нов апсолутен политички топоним во македонската политика, ниту пак 24 април како 11-та Божја заповед, тогаш отворање и ревидирање на Договорот е неопходно, за да имаме фер, демократски, регуларни и чесни избори.

- Advertising -

Како да очекуваме изборите во април да бидат регуларни и демократски, кога Државната изборна комисија се уште нема генерален секретар, а процесот со прочистување на избирачкиот список веројатно ќе се започне дури после Божиќ? Зарем од средината на јануари до крајот на март, Државната комисија ќе успее да го прочисти Изборниот список и истиот го направи реален и точен, без оние од Пустец, без повампирени мртовци кои решиле да бидат гласачи; без оние што гласаат по неколку пати? Да не се лажеме и гаиме илузии, роковите се кратки, опструкциите ќе продолжат и понатаму и само наивни треба да веруваат дека ДИК ќе успее да изврши целосно прочистување на избирачкиот списо, а ние после години и години ќе имаме реален и правилен список за гласање. Состојбата со медиумите и понатаму е сосема иста. Медиумската легислатива не е променета, а пропагандната машинерија на власта работи побрзо од јапоски воз. Ширењето говор на омраза од страна на болументата на владеачката партија никако да запре. Катица и Специјалното јавно обвинителство одамна започнаа, ама никако да почнат!

Процесот на “враќањето на слободата и демократијата“ не може да се изврши за четири месеци сега, бидејки во претходните ништо сериозно и драстично не направивме, ниту пак следните избори можат да извршат пресверт во општеството и ги вратат вредностите кои со години ги губиме. Како ќе ја вратиме демократијата со изборите, кога ние никогаш до сега не сме имале права демократија? Што ќе биде поразлично на 25 април? Дали ќе завладее поголема правда, или владеењето на правото ќе почне одеднаш да владее и се применува над сите? Се разбира дека не. Затоа неразбирливо е инсистирањето дека 24 април како датум за изори мора да остане. Крајно непримерни и запрепастувачки се и информациите од проминентни дипломати кои брифираат дека би биле задоволни дури и ако изборите се  „малку по демократски и фер“ од претходните. За какви вредности и “враќање на демократијата“ зборуваме во тој случај? Дали е поважно подолготраен и макотрпен сериозен процес во кој сите чинители ќе ги засукаат ракавите  и ќе почнат здраво да работат (а, ако не сакаат ќе бидат принудени) на спроведување на стратешките реформски приоритети или ќе се продолжи со глумењето на кооперативност и козметика реформите?! Зошто кариерата на најголемиот гарантер на Договорот – Евркомесарот Хан, и успехот на Договорот и оддржувањето на изборите во април,  да се поважни  од животот и иднината на милион и пол луѓе и државата (се уште) Македонија?

На  четири месеци пред оддржувањето на изборите и ЕУ и Хан, а и Бејли и Вашингтон мора да си призаат обостран неуспех. Ниту еден од договорените рокови и датуми не беше испочитуван. Иако ние овде сме најголемите виновници за пробивање на сите рокови, неуспехот е неуспех за сите што учествувале во договорањето. Зарем пробиените рокови не се неуспех?

Имајќи го предвид досегашното искуство со купување на време од страна на ВМРО-ДПМНЕ,  можеме да го ставиме и под знак на прашалник и повлекувањето на Никола Груевски од премиер на 15 јануари 2016, согласно Договорот. Што ако Груевски повторно се обиде да „купи“ уште некој ден како што досега прави? И тогаш ли почитувањето на договорот ќе биде успешно? Каков притисок и механизми во тој случај ќе употреби Брисел, а и Вашингтон?

Доколку на комесарот Хан нависитна му значат европски вредности, а членките на Европскиот совет сакаат да видат реален напредок и исполнување на критериумите што ни ги зацртале, треба веднаш по новогодишните празници треба да повикаат на прлонгирање и одложување на датумот за избори, барем за до следниот октомври. И тоа одложување и пролонгирање не треба да биде на барање на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ, туку на ЕУ и Вашингтон, а овдешните политички водства сакале или не, тој услов мора да се натераат да го прифатат.

Во име на тие европски и евроатлански критериуми и вредности, Договорот од Пржино мора да се ревидира, или да се измисли некое ново продолжение на Пржино 2, затоа што по не знам кој пат покажавме дека не сме кадарни, едноставно не не бива. Затоа ревидирање е најмалку што може да се направи доколку навистина имаме реална желба ние овде, а и Брисел и Вашинтон да не извлечат од политичката криза, но без козметики, бидејќи  докажавме дека сами ниту можеме ниту знаеме како.

Поврзани новости