Цивил: ССМ е приватно царство на послушници на власта

by Фокус

-Работничките права во Република Македонија се под финансиско-бирократските чизми на власта кои синдикалните моќници послушно им ги полираат. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е мало приватно царство на неколкумина верни послушници на власта кои, без трошка совест, живеат како султани од тешко заработените пари на своите членови со една цел: да ја бранат власта од работниците. Своето вистинско лице СОНК не мораше да го крие, но сега и на најнаивните им стана јасно чиј пион е и овој божемно самостоен синдикат за образование, наука и култура, велат од Цивил за состојбите со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според Цивил, причините за исфрлувањето на Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) од просториите на ССМ се повеќе од очигледни: зашто СОНК е во процес на официјално враќање во скутот на својот голем брат ССМ.

-Одамна стана очигледно дека, во пресрет на изборите во 2016 година, се прави консолидација на редовите и се зацврстува контролата врз институциите и врз синдикалното организирање. За да ја постигне целта, на власта ѝ е потребно да ја намали или збрише видливоста на пленумите, а паралелно со тоа, наставниот кадар да го стави под целосна контрола. Вистински независните синдикати и пленумите на студентите и средношколците се залагаат за права и реформи кои се составен дел на корпусот на човековите права и слободи загарантирани со Уставот, меѓународното право и законите. ЦИВИЛ – Центар за слобода ги поддржува и охрабрува пленумците, како и независните синдикални организации да останат доследни на своите заложби и барања, стои во соопштението на Цивил.

Поврзани новости