Дека во Македонија постојано се случуваат позитивни работи доказ не е само појавата на движења за позитивна Македонија, туку и појавата на првите позитивни гробишта во светот. Станува збор за центарот на Скопје кој, на голема радост на државниот врв на Македонија, рускиот писател Виктор Ерофеев иронично го гледа како гробишта, но во позитивна смисла. Оваа метафора толку многу му се допаднала на премиерот што, според информации на “Коза ностра”, веднаш се почнало со постапката за преименување на Општина Центар во Бутел 2.
– Имаше иницијатива и општината да прерасне во Јавно претпријатие за погребални услуги “Бутел 2”, што автоматски ќе и дадеше право на владата на местото на градоначалникот на општината да постави свој директор, но поради некакви квазидемократски процедури засега ни се врзани рацете – изјави премиерот Никола Груевски.
Тој, сепак, за Центар има видување слично на претседателот Хорхе, имено, дека “што е наше – ќе си дојде”.
Во Бутел 2 не се знае кој следен великан ќе биде погребан во позитивна смисла, бидејќи веќе во владејачката коалиција не се знае кој погребува а кој урива надгробни споменици. Во секој случај, тоа е и убавината во претворањето на центарот на главниот град во барокни гробишта – народот да е постојано во исчекување кој следен ќе биде погребан. Во најпозитивна смисла.