Целта не е само уривање на диктатурата, туку и воспоставување демократија!

by Фокус 19:09
19:09

arhivaТекстот е објавен во 921. број од неделникот „Фокус“ на 8. март 2013 година

Подготвил
Александар ДИМИТРОВ

- Advertisements -

Книгата „Од диктатура до демократија” на почесниот професор на политички науки на Универзитетот во Бостон и основач и претседател на „Алберт Ајнштајн инситуцијата”, Џин Шарп, за првпат е објавена во Бурма во 1993 година. Во САД веќе доживеа четири изданија, а досега е преведена и објавена на повеќе од 30 јазици. За овој поширок преглед на нејзината содржина, длабоките анализи и мудри совети како да се урне диктатурата и луѓето да живеат во мир и слобода, го користевме четвртото американско издание. За оние кои веруваат дека во Македонија цвета демократијата, како и оние за кои актуелниот режим е опишан како диктатура, извадоците од книгата на Шарп што ви ги пренесуваме во неколку продолженија, ќе бидат интересно четиво.

ВОВЕД:

Безброј поединци или групи, организирано или спонтано, се обидувале да ги урнат диктатурите. Речиси секогаш успевал отпорот на населението кога постоел сеопфатен и долгорочен план. Во денешното продолжение ја пренесуваме Главата VI во која професорот Шарп детално ја објаснува и ја поткрепува потребата од стратешко планирање и четирите основни термини: главна стратегија, стратегија, тактика и метод. Притоа, според него, најважно е да се согледаат конкретните услови, расположивите ресурси, најсоодветните начини на борба, а, пред сѐ, волјата на луѓето да ја остварат саканата цел – пад на диктатурата и воспоставување слобода и демократско општество. Тоа воопшто не е лесна задача, предупредува тој, но е убеден дека политичкиот пркос е најсоодветниот одговор на сите дилеми и тешкотии на овој пат.

ПОТРЕБА ЗА СТРАТЕШКО ПЛАНИРАЊЕ

Кампањите на политички пркос против дактатурите може да почнат на разни начини. Во минатото, овие борби речиси секогаш биле непланирани и во суштина случајни. Посебни неправди до сега биле повод за почетни акции со различна широчина, но често тоа значело нови бруталности, апсења или убиство на високо почитувана личност, нова репресивна политика или поредок, недостиг од храна, непочитување на верските убедувања или на годишнини на некој значаен и со тоа поврзан настан. Понекогаш, некој посебна постапка на диктатурата можела толку да го разгневи населението за да почне акција без да има каква било идеја како бунтот може да заврши. Се случувало и некој храбар поединец или мала група да преземе акција која предизвикала поддршка. Во конкретната неправда, оние кои самите ги доживеале, можеби ќе препознаат сличности, па, така, и тие можно е да се придружат на борбата. Понекогаш, специфичниот повик за отпор од мала група или поединец може да наиде на неочекувано голем одѕив.

Иако спонтаноста има некои позитивни квалитети, таа обично била штетна. Најчесто, припадниците на отпорот не ги предвиделе бруталностите на диктатурата, па поради тоа тие тешко страдале и отпорот пропаднал. Кога демократите немале план и клучните одлуки ги препуштале на случајот, имало катастрофални последици. Дури и кога угнетувачкиот систем бил соборен, непостоењето план како да се води транзицијата кон демократско општество, придонесувало да се појави нова диктатура.

РЕАЛИСТИЧНО ПЛАНИРАЊЕ

Во иднина, непланираната акција на народот несомнено ќе има значајна улога во бунтовите против диктатурата. Меѓутоа, сега е можно да се најдат најефикасни начини за да се собори диктатурата, да се процени кога политичката ситуација и расположението на народот се созреани, па да се избере како да почне кампањата. Со многу грижлива заснована на реалистична проценка на ситуацијата и на способноста на населението, неоходно е да се одберат ефикасни начини за постигнување на слободата под такви околности.

Ако нешто се сака да се постигне, мудро е да испланира како тоа да се направи. Што е поважна целта, или се потешки последиците од неуспех, толку планирањето станува поважно. Стратешкото планирање ја зголемува веројатноста дека сите расположиви ресурси ќе бидат мобилизирани и најефикасно употребени. Ова особено е точно за демократското движење – кое има ограничени материјални ресурси и чии следбеници би биле во опасност – кое се обидува да ја собори моќната диктатура. Напротив, диктатурата обично ќе има пристап до огромни материјални ресурси, организациска снага и способност да врши бруталности.

„Да се планира стратегија” овде значи да се осмисли правец на акција со кој ќе биде поверојатно од сегашната да се стигне во посакуваната идна ситуација. Во оваа дискусија, тоа значи од диктатура во демократски систем. Планот да се постигне оваа цел обично ќе се состои од етапна серија кампањи и други организирани активности со намера да се зајакне угнетеното население и општество, а да се ослаби диктатурата. Овде мора да се напомене дека целта не е само да се урне постојната дуктатура, туку да се воспостави демократски систем. Главна стратегија која ја ограничува својата цел само на уништување на вледејачката диктатура носи голем ризик да создаде друг тиранин.

Ivanov Horhe Jankuloska

ПРЕЧКИ ВО ПЛАНИРАЊЕТО

Некои поборници на слободата во разни делови на светот недоволно посветуваат внимание за справување со проблемот како да се ослободат. Само некои од нив целосно го согледуваат исклучителното значење на грижливо стратешко планирање пред да делуваат. Затоа, тоа речиси никогаш и не се правело.

Зошто луѓето кои имаат визија на својот народ да му донесат политичка слобода толку ретко подготвуваат сеопфатен стратешки план за да ја остварат таа цел? За жал, повеќето луѓе во групите на демократската опозиција често не ја разбираат потребата од стратешко планирање или не се навикнати или научени, да мислат стратешки. Ова е тешка работа. Постојано малтретирани од диктатурата и затрупани со непосредни обврски, водачите на отпорот често немаат сигурност или време да развијат вештини на стратешко размислување.

Наместо тоа, вообичаено, единствено реагираат на иницијативите на диктатурата. Опозицијата така секогаш е во дефанзива, настојува да ги зачува ограничените слободи или бастиони на слободата, а во најдобар случај, да го подзапре ширењето на диктаторската контрола или да прави одредени проблеми за новите политики на режимот.

Некои поединци и групи, се разбира, можеби не ја согледуваат потребата од целосно долгорочно планирање на ослободителното движење. Или, можеби наивно сметаат дека ако само силно, истрајно и доволно долго се залагаат за својата цел, таа некако и ќе се оствари. Други претпоставуваат дека и покрај тешкотиите со кои се соочени, само ако живеат во согласност со своите принципи и идеали, тие прават сѐ што може за да ги остварат. Приврзеноста кон хумани цели и верноста на идеалите се за восхит, но се крајно несоодветни да заврши диктатурата и да се постигне слободата.

Други противници на диктатурата може наивно да мислат дека ако само користат доволно насилство, ќе дојде слободата. Но, како што претходно е наведено, насилството не е гаранција за успех. Наместо ослободување, може да донесе пораз, масовна трагедија, или и едно и друго. Во повеќето ситуации диктатурата е најдобро опремена за насилна борба, а воениот фактор ретко, или никогаш, не е во прилог на демократите.

Исто така, има активисти кои своите акции ги засноваат на тоа што „чувствуваат” дека треба да го направат. Таквите приоди, меѓутоа, не само што се егоцентрични, туку и не нудат насока за развој на главна стратегија за ослободување.

Акцијата која поаѓа од „јасна идеа” што некој ја има, исто така е ограничена. Наместо тоа, таа треба да се заснова на грижливо пресметани „следни чекори” неопходни за соборување на диктатурата. Без стратешки анализи, лидерите на отпорот најчесто нема да знаат кој е „следниот чекор”, бидејќи тие внимателно не го осмислиле редоследот на конкретни чекори потребни за постигнување на победа. Креативните и јасни идеи се многу важни, но тие треба да се користат за да се унапреди стратешката ситуација на демократските сили.

Потполно свесни дека против диктатурата може да се преземат мноштво акции, а неспособни да одлучат од каде да почнат, некои луѓе советуваат „Прави сѐ истовремено”. Тоа може да помогне, но, се разбира, е невозможно, особено за релативно слабите движења. Ушто повеќе, ваквиот приод не дава насоки од каде да се почне, на што да се концентрираат силите и како да се користат често ограничените ресурси.

Други лица или групи може да ја согледаат потребата нешто да се планира, но се способни да размислуваат само на краткоророчни или тактички основи. Тие не може да согледаат дека долгорочно планирање е неопходно или возможно. Понекогаш, тие се неспособни стратешки да размислуваат и да анализираат, па дозволуваат вниманието постојано да им го одвлекуваат релативно незначајни прашања, често реагирајќи на акциите на противниците, наместо демократскиот отпор да ја преземе иницијативата. Посветувајќи премногу енергија на краткорочни активности, тие водачи често не успеваат да ги истражат другите правци на акција со кои вкупните напори би воделе сѐ поблиску до целта.

Исто така, можно е, некои демократски движења да не планираат сеопфатна стратегија за рушење на диктатурата и наместо тоа се концентрираат само на непосредни прашања, од сосема друга причина. Тие самите, всушност, не веруваат дека со нивните сопствени сили диктатурата може да заврши. Затоа, планирањето како тоа да го направат го сметаат за идеалистичко губење на време или залудна работа. Луѓето кои се борат за слобода против цврстите брутални диктатури, често против себе имаат толку голема воена и полициска сила што им се чини дека диктаторите може да постигнат било што сакаат. Немајќи вистинска надеж, тие луѓе и покрај тоа ќе ѝ пркосат на диктатурата поради интегритетот, а можеби и поради историјата. Иако тие никогаш тоа нема да го признаат, а можеби и никогаш свесно не ќе го увидат, нивните акции и ним самите им изгледаат безнадежни. Оттука, за нив, долгорочното сеопфатно стратешко планирање нема вредност.

Последиците од неуспесите да се планира стратешки често се драстични: се троши силата, акциите се неефикасни, енергијата се губи на минорни прашања, предностите не се користат, а жртвите се залудни. Ако демократите не планираат стратешки, веројатно нема да успеат да ги остварат своите цели. Лошо планирана, чудна мешавина на случајни активности, нема да го придвижи напред отпорот. Наместо тоа, најверојатно ќе овозможи диктатурата да ја зголеми својата контрола и моќ.

За жал, бидејќи сеопфатен стратешки план за ослободување ретко, или воопшто, не се прави, диктатурите изгледаат многу потрајни отколку што всушност се. Тие опстојувале со години, или декади, подолго отколку што би требало.

ahmeti gruevski

ЧЕТИРИ ВАЖНИ ТЕРМИНИ ВО СТРАТЕШКОТО ПЛАНИРАЊЕ

За да ни помогне да размислуваме стратешки, важно е да се разјасни значењето на четирите основни термини.

Главна стратегија е концепција која служи да се координира и насочува употребата на сите соодветни и расположиви ресурси (економски, човечки, морални, политички, организациони итн.) на групата која настојува да ги постигне своите цели во некој конфликт.

Главната стратегија, со фокусирање на основното внимание врз целите и ресурсите на групата во конфликтот, определува која техника на дејствување (на пример, конвенционално вооружено војување или ненасилна борба) е најсоодветна да се користи. При планирањето на главната стратегија, водачите на отпорот мора да проценат и испланираат како можат да вршат притисоци и влијанија врз противниците. Натаму, главната стратегија ќе содржи одлуки за тоа кои услови и кое време се соодветни за почетни и натамошни кампањи по отпочнување на отпорот.

Главната стратегија ја поставува основната рамка за избор на потесни стратегии за водење борба. Главната стратегија, исто така, ја определува распределбата на општите задачи за одредени групи и дистрибуцијата на ресурсите кои ќе ги користат во борбата.

Стратегија е концепција како најдобро да се постигнат одредени цели во конфликтот, делувајќи внатре во делокругот на избраната главна стратегија. Стратегијата се занимава со тоа дали, кога и како да се води борба, како и на кој начин да се постигне максимална ефикасност во борбата за одредени цели. Стратегијата може да се спореди со уметнички концепт, а стратешкиот план со проект на архитект.

Стратегијата, исто така, може да содржи настојувања да се создаде стратешка ситуација која е толку поволна што противниците се способни да предвидат дека отворениот судир веројатно ќе им донесе пораз, па затоа ќе капитулираат без отворена борба. Или, ако не, подобрената стратешка ситуација ќе го направи поизвесен успехот на бунтовниците во борбата. Стратегијата, исто така, определува како да се делува за подобро да се искористат успесите кога ќе бидат постигнати.

Применет на самиот тек на борбата, стратешкиот план е основна идеја за тоа како една кампања ќе се развива и како нејзините поединечни компоненти ќе бидат вклопени заедно, за најдобро да придонесат за постигнување на поставените цели. Тоа подразбира вешто разместување посебни акциони групи во помали операции. Планирањето мудра стратегија мора да има предвид што е потребно во некоја операција за избраната техника на борба да биде успешна. Различни техники ќе имаат различни барања. Се разбира, самото исполнување на „барањата” не е доволно да обезбеди успех. Може да бидат потребни и дополнителни фактори.

Во осмислувањето на стратегии, демократите мора јасно да ги дефинираат своите цели и да утврдат како ќе се мери ефикасноста на напорите за нивно постигнување. Оваа дефиниција и анализа овозможува стратегот да ги идентификува прецизните барања за остварување на секоја избрана цел. Потребата од јасност и дефинирање подеднакво важи и за тактичкото планирање.

Тактиките и методите на делување се користат за примена на стратегијата. Тактика се однесува на вешто и најповолно користење на сопствените сили во ограничена ситуација. Тактиката е ограничено дејствување кое се употребува за постигнување на ограничена цел. Изборот на тактики се врши согласно концепцијата како во ограничената фаза на конфликтот, најдобро да се искористат расположивите борбени средства за остварување на стратегијата. За да бидат најефикасни, тактиките и методите мора да се изберат и применуваат со постојано внимание за постигнување на стратешките цели. Тактичките придобивки кои не го зајакнуваат постигнувањето на стратешките цели, на крајот може да се покажат како изгубена енергија.

Тактиката, значи, се однесува на ограничен правец на делување кој се вклопува во пошироката стратегија, исто како што стратегијата се вклопува во главната стратегија. Тактиките секогаш се однесуваат на борба, додека стратегијата содржи пошироки осмислувања. Конкретната тактика може единствено да се сфати како дел од вкупната стратегија на борбата или кампањата. Тактиките се применуваат во пократки временски периоди отколку стратегијата, или во помали подрачја (географски, институционални, итн.), или од помал број луѓе, или за поограничени цели. Во ненасилната акција, разликата меѓу тактичката и стратешката цел, делумно зависи и дали избраната цел за акција е помала или поголема.

Офанзивните тактички ангажирања служат како поддршка за остварување на стратешките цели. Тактичките ангажирања се алатки со кои стратезите создаваат поволни услови за решителни напади на противникот. Оттука, најважно е оние кои се задолжени за планирање и извршување на тактичките операции, да умеат да ја проценат ситуацијата и да изберат најсоодветни начини. Оние кои се очекува да учествуваат, мора да се обучени како да ги користат избраните техники и специфичните методи.

Метод се однесува на специфичните оружја или средства за акција. Во техниката на ненасилната борба постојат десетици конкретни форми на акција (на пример, разни видови штрајкови, бојкоти, политичка несоработка и слично), за кои стана збор во Главата V.

Разработката на одговорен и ефикасен стратешки план за ненасилна борба се заснова на грижливо формулирање и избор на главна стратегија, стратегија, тактики и метод.

Главна лекција од оваа дискусија е дека грижливото стратешко планирање на ослободување од диктатурата бара пресметано интелектуално ангажирање. Неинтелегентното планирање може да доведе до катастрофи, додека со ефикасно користење на интелектуалните капацитети може да се трасира стратешкиот пат на разумна употреба на расположивите ресурси, за да се придвижи општеството кон целта – слобода и демократија.

q2

ПЛАНИРАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА

За да се зголемат шансите за успех, водачите на отпорот ќе мора да формулираат сеопфатен план на акција способен да го зајакне напатениот народ, да ја ослаби и потоа да ја урне диктатурата и да изгради трајна демократија. За постигнување ваков план на акција, потребна е грижлива проценка на ситуацијата и на опциите за ефикасно дејствување. Врз основа на таквите грижливи анализи, може да се развиваат и главната стратегија и стратегиите на специфичните кампањи за постигнување на слободата. Иако се сродни, развојот на главната стратегија и на стратегиите на кампањата се два одвоени процеса. Само откога главната стратегија ќе биде разработена, ќе може целосно да се разработуваат стратегии на посебните кампањи. Стратегиите на кампањата мора да се осмислени за да се остварат и да се засилат целите на главната стратегија.

При развојот на стратегијата на отпорот, мора да се посвети внимание на многу прашања и задачи. Овде ќе идентификуваме некои од поважните фактори кои треба да се имаат предвид, како на ниво на главната стратегија, така и на ниво на стратегијата на кампањата. Целото стратешко планирање, меѓутоа, од планерите на отпорот бара продлабочено разбирање на сета конфликтна ситуација, вклучувајќи и осврт на физичките, историските, државните, воените, културните, општествените, политичките, психолошките, економските и меѓународните фактори. Стратегиите може да се развијат само во контекст на конкретната борба и нејзината позадина.

Од првенствено значење е демократските водачи и стратешките планери да ги проценат целите и значењето на потфатот. Дали целите заслужуваат голема борба и зошто? Пресудно е да се утврди реалната цел на борбата. Веќе беше изнесено тврдењето дека соборување на диктатурата или отстранување на постојните диктатори не е доволно. Целта на овие конфликти треба да биде воспоставување на слободно општество со демократски систем на владеење. Јаснотијата на ова прашање ќе влијае врз развојот на главната стратегија и на специфичните стратегии кои од неа произлегуваат.

ФУНДАМЕНТАЛНИ ПРАШАЊА

Стратезите, особено, ќе треба да одговорат на многу фундаментални прашања, како следниве:

• Кои се главните пречки за постигнување на слободата?

• Кои фактори ќе го олеснат постигнувањето на слободата?

• Кои се главните предности на диктатурата?

• Кои се слабостите на диктатурата?

• До која мера изворите на моќта на диктатурата се ранливи?

• Кои се предностите на демократските сили и на населението воопшто?

• Кои се слабостите на демократските сили и како тие може да се исправат?

• Каков е статусот на трети страни, кои не се непосредно вклучени во конфликтот, но веќе помагаат или може да помогнат, или на диктатурата или на демократското движење, и ако е така, на кои начини?

ИЗБОР НА СРЕДСТВАТА

На ниво на големата стратегија, планерите ќе мора да изберат кои главни средства на борба ќе се користат во претстојниот конфликт. Неопходно е да се проценат вредностите и ограничувањата на неколку алтернативни техники на борба, како што се конвенционалното оружено војување, герилското војување, политичкиот пркос и други.

При одлучувањето на изборот, стратезите ќе треба да ги разгледаат следниве прашања: Дали избраниот вид на борба е во рамките на капацитетите на демократите? Дали избраната техника ги користи предностите на угнетеното население? Дали таа техника е насочена кон слабостите на диктатурата или ја напаѓа на нејзините најсилни точки? Дали средствата ќе помогнат демократите да станат посамостојни или ќе ги направат зависни од трети страни или надворешни снабдувачи? Колку избраните средства досега биле успешни во соборување на диктатурата? Дали тие ги зголемуваат или ограничуваат загубите и разурнувањата што може да се случат во претстојниот конфликт? Претпоставувајќи дека диктатурата успешно ќе биде соборена, каков ефект ќе имаат избраните средства на типот на владеење кој би произлегол од борбата? Оние видови акции за кои ќе се утврди дека се контрапродуктивни, ќе мора да бидат исклучени од главната стратегија.

Во претходните глави тврдевме дека политичкиот пркос нуди значајни компаративни предности во однос на другите техники на борба. Стратезите ќе треба да ја проучат нивната конкретна конфликтна ситуација и да утврдат дали политичкиот пркос дава потврдни одговори на горенаведените прашања.

Продолжува…

Поврзани новости