Секоја диктатура е посебна, а секое население е различно!

by Фокус 13:16
13:16

arhivaТекстот е објавен во 921. број од неделникот „Фокус“ на 15. март 2013 година

Подготвил
Александар ДИМИТРОВ

Книгата „Од диктатура до демократија” на почесниот професор на политички науки на Универзитетот во Бостон и основач и претседател на „Алберт Ајнштајн институцијата”, Џин Шарп, за првпат е објавена во Бурма во 1993 година. Во САД веќе доживеа четири изданија, а досега е преведена и објавена на повеќе од 30 јазици. За овој поширок преглед на нејзината содржина, длабоките анализи и мудри совети како да се урне диктатурата и луѓето да живеат во мир и слобода, го користевме четвртото американско издание. За оние кои веруваат дека во Македонија цвета демократијата, како и оние за кои актуелниот режим е опишан како диктатура, извадоците од книгата на Шарп што ви ги пренесуваме во неколку продолженија, ќе бидат интересно четиво!

- Advertising -

За соборување на диктатурата и за воспоставување на слободно демократско општество, нужна е прераспределба на моќта што може да се постигне само со оспособување и истрајност на населението политички да пркоси, смета професорот Шарп. Можна е и надворешна помош, но таа е недоволна доколку борбата не е автохтона и не ја водат внатрешните сили. За таа да биде успешна, потребна е главна стратегија што ќе одговори на повеќе суштински прашања, се објаснува во Главата VII, која ја пренесуваме во денешното продолжение. Потоа, стратегијата мора да се објави за да го мобилизира целото население, а можеби и ќе ги уплаши и ослаби диктаторите. Почнуваме и со ГлаватаVIIИ во која професорот детално објаснува како да се применува политичкиот пркос, кој пред сѐ мора да се концентрира на специфичните општествени, економски и политички прашања.

ПЛАНИРАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Треба да се запамети дека во борбата против диктатурата целта на главната стратегија не е само да се собори диктаторот, туку да се воведе демократски систем и да се оневозможи појава на нова диктатура. За да се остварат овие цели, избраните средства на борба треба да придонесат за прераспределба на ефективната моќ во општеството. Под диктатурата, населението и граѓанските институции во општеството се преслаби, а државата премногу силна. Без менување на оваа нерамнотежа, новите владетели можат, доколку сакаат, да бидат подеднакво диктаторски како претходните. „Дворска револуција” или државен удар, поради тоа, не се добредојдени.

Политичкиот пркос придонесува за порамноправна распределба на ефективната моќ со тоа што го мобилизира општеството против диктатурата, како што разгледавме во Глава V. Овој процес се одвива на неколку начини. Развојот на капацитетот за ненасилна борба значи дека диктатурата повеќе не е способноста со насилна репресија така лесно да го заплашува и покорува населението. Населението ќе има на располагање моќни средства да се спротивстави, а понекогаш и да ја блокира, диктаторската моќ.

Натаму, мобилизацијата на моќта на народот со политички пркос ќе ги засили независните институции во општеството. Искуството од еднаш ефикасно употребената моќ, така лесно не се заборава. Знаењето и вештината стекнати во борбата ќе ја намали веројатноста населението лесно да биде потчинето од некои идни диктатори. Поместувањето во односите на моќта, на крајот, ќе го направи многу поверојатно воспоставувањето на трајно демократско општество.

НАДВОРЕШНА ПОМОШ

Како дел од подготовката на големата стратегија, неопходно е да се процени какви ќе бидат релативните улоги на внатрешниот отпор и на надворешните притисоци во рушењето на диктатурата. Во оваа анализа докажавме дека главната сила на борбата мора да потекнува од самата земја. Степенот на меѓународната помош, ако воопшто ја има, ќе биде поттикнат од внатрешната борба.

Како скромно дополнување, може да се прават напори за мобилизирање на светското јавно мислење против диктатурата, на хуманитарни, морални и религиозни основи. Може да се прават напори за да се издејствува влади и меѓународни организации да воведат дипломатски, политички и економски санкции против диктатурата. Ова може да биде во форма на економско ембарго, ембарго на оружје, намалување на нивото на дипломатското признавање или прекин на дипломатските односи, укинување на економската помош или забрана за инвестирање во диктаторската земја, исклучување на диктаторската влада од разни меѓународни организации и од телата на Обединетите нации. Натаму, меѓународната помош, како што е пружање на финансиска и комуникациска поддршка, исто така, може директно да се достави на демократските сили.

ФОРМУЛИРАЊЕ НА ГЛАВНАТА СТРАТЕГИЈА

Откога ќе ја проценат ситуацијата, изберат средствата и определат улогата на надворешната помош, планерите на главната стратегија ќе мора со широки потези да скицираат како може најдобро да се води конфликтот. Овој широк план би се протегал од сегашноста до идното ослободување и воведување на демократски систем. При формулирање на главната стратегија планерите мора да си постават разни прашања. Следниве прашања (на нешто поспецифичен начин од претходно) упатуваат на начините на размислување неопходни при осмислувањето на главната стратегија за борба со политички пркос:

Како најдобро може да почне долгата борба? Како угнетеното население да стекне доволна самодоверба и снага за да се спротивстави на диктатурата, макар во почетокот и во ограничена мера? Како способноста на населението да применува несоработка и пркос може да се зголеми со тек на времето и искуството? Кои би можеле да се целите на серијата ограничени кампањи за преземање на демократската контрола врз општеството и за ограничување на диктатурата?

Постојат ли независни институции што ја преживеале диктатурата кои може да се користат во борбата за воспоставување на слободата? Кои институции во општеството може да се преземат од диктаторската контрола, или кои нови институции демократите треба да формираат за да ги задоволат нивните потреби и да воспостават сфери на демократијата, дури и ако диктатурата потрае?

Како може да зајакне организациската сила на отпорот? Како може да се обучуваат учесниците? Кои ресурси (финансиски, опрема, итн.) ќе требаат во текот на борбата? Кои видови на симболика најефикасно би го мобилизирале на населението?

Со кои видови на акции и во која фаза, изворите на моќта на диктаторите може постепено да слабеат и да бидат прекинати? Како побунетото население може да истрае со својот пркос и истовремено да ја одржува неопходната ненасилна дисциплина? Како општеството ќе може да продолжи да ги задоволува своите основни потреби во текот на борбата? Како може да се одржува општествениот ред додека трае конфликтот? Како што победата наближува, како демократскиот отпор може да продолжи да ја гради институционалната основа на постдиктаторското општество со цел транзицијата да биде што е можно полесна?

Мора да за запамети дека не постои, ниту може да се направи, општа единствена шема за планирање на стратегијата за секое ослободително движење против диктатурата. Секоја борба за рушење на диктатурата и за воспоставување на демократски систем ќе биде донекаде различна. Нема две потполно исти ситуации, секоја диктатура има посебни карактеристики, а и способностите на населението кое бара слобода се разликуваат. Планерите на главната стратегија за борба со политички пркос ќе мора темелно да ја познаваат не само нивната специфична конфликтна ситуација, туку и средствата за борба за кои се определиле.

Откога главната стратегија на борба ќе биде грижливо испланирана, има силни причини таа да се објави. Големиот број луѓе чие учество ќе е потребно, можеби ќе бидат поспремни и поподготвени да делуваат ако ја разберат и општата концепција, а не само конкретните инструкции. Ова сознание може да има многу позитивен ефект на нивниот морал, нивната желба да учествуваат и соодветно да дејствуваат. Диктаторите во секој случај ќе ги дознаат општите црти на главната стратегија, па знаејќи ги нејзините белези, можно е да бидат помалку брутални во репресијата, свесни дека тоа може политички да им се врати. Познавањето на посебните карактеристики на главната стратегија може да придонесе и за раздор во диктаторската група и за пребегнувања од неа.

Кога главниот стратешки план за соборување на диктатурата и за воспоставување на демократски систем ќе биде усвоен, важно е продемократските групи да истраат во неговото спроведувење. Само во исклучително ретки околности, борбата треба да отстапи од првичната главна стратегија. Кога има мноштво докази дека избраната главна стратегија била погрешно осмислена, или дека околностите на борбата темелно се измениле, планерите можеби ќе мора да ја променат главната стратегија. Дури и тогаш, тоа треба да се направи само по темелна проценка и откога новиот посоодветен главен стратешки план ќе биде  разработен и усвоен.

ПЛАНИРАЊЕ СТРАТЕГИИ НА КАМПАЊАТА

Колку и да е мудра развиената главна стратегија и да ветува крај на диктатурата и воведување на демократија, главната стратегија нема сама од себе да се оствари. Потребно е да се развијат посебни стратегии според кои ќе се водат важни кампањи насочени на поткопување на моќта на диктаторот. Овие стратегии, пак, ќе содржат разни тактички ангажмани и упатства, со цел да се зададат решавачки удари на диктаторскиот режим. Тактиката и специфичните начини на акција мора да бидат внимателно избрани за да придонесат за постигнување на целите на секоја посебна стратегија. Ова разгледување се фокусира исклучиво на ниво на стратегијата.

Стратезите кои ги планираат важните кампањи, како и оние кои ја планирале главната стратегија, ќе мора темелно да ги познаваат природата и начините на функционирање на избраната техника на борба. Исто како што офицерите мора да ја познаваат структурата на војската, тактиката, логистиката, муницијата, ефектите на географијата и слично, за да смислат воена стратегија, планерите на политичкиот пркос мора да ги познаваат природата и стратешките принципи на ненасилната борба. Дури и тогаш, меѓутоа, знаењето за ненасилната борба, водењето сметка за препораките во овој есеј, како и одговорите на овде поставените прашања, нема сами од себе да произведат стратегии. Формулирањето на стратегиите за борба сѐ уште бара и информирана креативност.

Освен тоа, планерите на отпорот ќе треба да преземат мерки за зачувување на редот и за задоволување на општествените потреби на сопствените сили за време на масовниот отпор против диктаторските контроли. Ова, не само што ќе создаде алтернативни независни демократски структури и ќе ги задоволи автентичните потреби, туку исто така, ќе ја намали веродостојноста на било каквите тврдења за неопходноста од сурова репресија за да запрат нередот и беззаконијата.

ШИРЕЊЕ НА ИДЕЈАТА ЗА НЕСОРАБОТКА

За успешен политички пркос против диктатурата, битно е населението да ја сфати идејата за несоработка. Како што приказната за „Господарот на мајмуните” покажува, основната идеjа е едноставна: ако доволно долго потчинетите одбиваат да соработуваат и покрај репресијата, угнетувачкиот систем ќе слабее и конечно ќе падне.

Луѓето кои живеат под диктатура можеби се веќе запознати со овој концепт од разни извори. Дури и тогаш, демократските сили треба намерно да ја шират и популаризираат идејата за несоработка. Приказната за „Господарот на мајмуните”, или некоја слична, може да се шири низ целото општеството. Ваква приказна е лесна за разбирање. Кога општиот поим на несоработка ќе биде сфатен, луѓето ќе бидат способни да го разберат значењето на идните повици за несоработка со диктатурата. Тие,  исто така, самите ќе бидат способни да импровизираат безброј специфични форми на несоработка во новите ситуации.

И покрај тешкотиите и опасностите во обидите да се соопштат идеите, вестите и инструкциите за отпорот во услови на диктатура, демократите често пати докажале дека тоа е можно. Дури и под нацистичката и комунистичката власт, борците на движењето на отпорот можеле да комуницираат не само со други поединци, туку дури и со пошироката јавност, преку илегални весници, летоци, книги, а во подоцнежните години и со аудио и видео касети.

Предност на претходното стратешко планирање е што општите насоки за отпор може да бидат подготвени и да се рашират. Во нив треба да се назначат прашањата и околностите под кои населението треба да протестира и да ја откаже соработката, и како тоа може да го направи. Тогаш, дури и ако комуникацијата со демократското водство биде прекината и посебни инструкции не се издаваат или примаат, населението ќе знае како да дејствува за одредени важни прашања. Овие насоки, исто така, би овозможиле проверка и идентификација на лажните „инструкции за отпор”, издадени од политичката полиција со цел да провоцира компромитирачка акција.

РЕПРЕСИЈА И КОНТРАМЕРКИ

Стратешките планери ќе треба да ги проценат можните одговори и репресијата, особено прагот на насилството, со кои диктатурата ќе возврати на акциите на демократскиот отпор. Ќе биде неопходно да се определи како без потчинување да се издржи, спротивстави или да се избегне можната зголемена репресија. Тактички, за специфични прилики, би било соодветно да се издаде предупредување до населението и до припадниците на отпорот за очекуваната репресија, па тие ќе знаат за ризиците од учеството. Ако репресијата може да биде сериозна, треба да се подготви медицинска помош за повредените во отпорот.

Кога ќе ја предвидат репресијата, стратезите треба претходно добро да разгледаат колку користењето на тактиките и на средствата ќе придонесе за остварување на специфичната цел на кампањата, или за ослободување, со цел бруталната репресија да стане помалку веројатна или можна. На пример, уличните демонстрации или маршеви против екстремната диктатура може да се драматични, но тие, исто така, се ризик илјадници демонстранти да загинат. Високата цена за демонстрантите, меѓутоа, можно е всушност да не изврши поголем притисок врз диктатурата, отколку сите да останеле дома, да штрајкувале или државните службеници масовно да се определиле за несоработка.

Ако пак се смета дека провокативна акција на отпор со ризик од големи жртви е потребна од стратешки причини, тогаш мора внимателно да се процени што со тоа се губи, а што може да се добие. Дали е веројатно дека населението и припадниците на отпорот ќе се однесуваат дисциплинирано и ненасилно додека трае борбата? Може ли тие да ги издржат насилните провокации? Планерите мора да одредат кои мерки би се презеле за да се задржи ненасилната дисциплина и да се одржи отпорот и покрај бруталностите. Дали таквите мерки, на пример, апели, политички изјави, летоци за дисциплина, редари на демонстрациите и бојкотирање на насилните поединци и групи, се можни и ефикасни. Водачите секогаш мора да се претпазливи на присуството на агенти провокатори, чија задача е да ги поттикнат демонстрантите на насилство.

ПРИДРЖУВАЊЕ КОН СТРАТЕШКИОТ ПЛАН

Кога постои солиден стратешки план, демократските сили не смее да дозволат диктаторот со ситни потези да ги доведе во искушение да отстапат од главната стратегија и од стратегијата за посебна кампања, предизвикувајќи со тоа наместо на важните активности, тие да се фокусираат на неважни прашања. Ниту пак моментните емоции – можеби како реакција на новите бруталности на диктатурата – не смее да го одвратат демократскиот отпор од главната стратегија или од стратегијата на кампањата. Можно е бруталностите да биле направени токму со цел да се провоцираат демократските сили за да го напуштат својот добро осмислен план и дури да се наведат на насилни акции, за диктаторите да може полесно да ги поразат.

Сѐ додека основната анализа се оценува како солидна, задачата на продемократските сили е да притискаат напред, фаза по фаза. Се разбира, ќе се случуваат промени во тактиката и во непосредните цели, но добрите водачи секогаш ќе бидат подготвени да ги користат можностите. Ова приспособување не треба да се меша со целите на главната стратегија и со целите на специфичната кампања. Внимателно спроведување на избраната главна стратегија и на стратегиите за посебни кампањи, во многу ќе придонесе за успех.

ПРИМЕНА НА ПОЛИТИЧКИОТ ПРКОС

Во ситуациите во кои населението се чувствува немоќно и преплашено, важно е првите задачи за јавноста да бидат нискоризични и да ја јакнат самодовербата. Овие видови на акции – како носење на облека на невообичаен начин – може да бидат јавно изразување на несогласување и можност јавноста во поголема мера да учествува во акциите на несогласување. Во други случаи, некои навидум релативно мали (на прв поглед) неполитички прашања (како на пример, обезбедување на здраво водоснабдување), може да привлечат внимание. Стратезите ќе треба да изберат прашања чии вредности се општо признати и тешко е да се отфрлат. Успехот во овие ограничени кампањи нема само да ги поправи посебните проблеми, туку, исто така, ќе го убеди населението дека навистина има моќ.

Повеќето стратегии на кампањите на долгорочна борба не треба да се стремат кон неодложен и целосен пад на диктатурата, туку на остварување на ограничените цели. Ниту една кампања не бара учество на сите делови на населението.

Во размислувањата за сериите специфични кампањи во спроведувањето на главната стратегија, стратезите на пркосот треба да осмислат по што кампањите на почетокот, во средината и пред завршувањето на долгорочната борба, ќе се разликуваат една од друга.

СЕЛЕКТИВЕН ОТПОР

Во почетните фази на борбата, одвоени кампањи со различни специфични цели може да бидат мошне корисни. Овие избрани кампањи може да следат една по друга. Понекогаш, две или три може временски да се преклопат.

Во планирањето на стратегијата за „селективен отпор”, неопходно е да се идентификуваат специфични ограничени прашања или тешкотии кои го симболизираат општото угнетување од диктатурата. Овие прашања може да се соодветна мета за водење на кампањите за остварување на посредните стратешки цели во рамките на вкупната главна стратегија. Овие посредни стратешки цели треба да се остварливи за постојната и проектираната моќ на демократските сили. Тоа ќе помогне да се обезбедат серии на победи, што е добро за моралот, а исто така придонесува за што поповолно менување на односите на моќта во долгорочната борба.

Стратегиите на селективен отпор мора да се концентрираат првенствено на специфичните општествени, економски или политички прашања. Тие може да се изберат со цел некој дел од општеството и политичкиот систем да се држи надвор од диктаторската контрола, да се поврати контролата врз некој дел кој во моментот го контролира диктатурата, или да се осуети некоја посебна цел на диктаторите. Ако е можно, кампањата на селективниот отпор треба да напаѓа една или повеќе слабости на диктатурата, како што веќе е објаснето. Со тоа, демократите може да постигнат најголем можен ефект со нивната расположива моќ.

Неопходно е стратезите многу порано да ја испланираат барем стратегијата на првата кампања. Кои може да бидат ограничените цели? Како ќе помогне да се оствари избраната главна стратегија? Ако е можно, мудро е да се формулираат барем општите црти на стратегиите за втората, можеби и за третата кампања. Сите овие стратегии треба да ја остваруваат главната стратегија и да функционираат во рамките на нејзините општи насоки.

КОИ ПРАШАЊА МОРА ДА ГИ РАСЧИСТИ ОТПОРОТ?

Во планирањето на стратегии за специфично одбрани кампањи на отпорот и за подолгорочен развој на ослободителната борба, стратезите на политичкиот пркос ќе мора да разгледаат разни прашања и проблеми. Меѓу нив се и следниве:

– Одредување на специфичните цели на кампањата и нивниот придонес за спроведување на главната стратегија.

– Разгледување на специфичните методи, или политички оружја, кои најдобро може да користат за спроведување на избраните стратегии. Во секој општ план за посебна стратешка кампања ќе биде неопходно да се одреди кои помали, тактички планови и кои специфични начини на делување треба да се применат, за да се наметнат притисоци и ограничувања на изворите на моќта на диктатурата. Треба да се запамети дека постигнувањето на поважните цели ќе биде резултат на внимателно избрани и применети специфични помали чекори.

– Одредување дали, или како, економските прашања треба да се поврзат со вкупната, во суштина, политичка борба. Ако економските прашања треба да се истакнат во борбата, треба да се погрижат дека економските неправди ќе може да се решат откога ќе падне диктатурата. Инаку, може да се појави разочараност и незадоволство ако не се најдат брзи решенија во текот на транзиција кон демократско општество. Таквото разочарувања може да го олесни подемот на диктаторските сили кои ветуваат крај на економските неволји.

– Одредување од напред каков вид на раководна структура и на систем на комуникација ќе бидат најдобри за поведување на борбата на отпорот. Кои начини на одлучување и на комуникација се можни во текот на борбата за постојано давање насоки до припадниците на отпорот и до целото население?

– Соопштување на вести за отпорот до целото население, до силите на диктаторот и до меѓународната јавност. Барањата и известувањето секогаш треба да се строго засновани на фактите. Претерувања и неосновани тврдења ќе го поткопаат кредибилитетот на отпорот.

– Планови за конструктивни општествени, образовни, економски и политички активности, заради самостојно задоволување на потребите на сопствениот народ во текот на претстојниот конфликт. Такви проекти може да ги водат личности кои не се директно вклучени во активностите на отпорот.

– Одредување каков вид на надворешна помош е пожелен како поддршка на специфичната кампања или на ослободителната борба воопшто. Како надворешната помош може најдобро да се мобилизира и искористи, без притоа внатрешната борба да стане зависна од неизвесните надворешни фактори? Внимание треба да се посвети и на тоа кои надворешни групи, најверојатно, или најсоодветно, ќе помогнат, на пример, невладини организации (општествени движења, верски или политички групи, синдикати, итн.), влади и/или Обединетите нации и нивните разни тела.

продолжува…

Поврзани новости