Царовска тврди се е по закон, мајката реагира: Вака ли се ценат талентираните ученици?

by fokus

Одлуката не е по волја, туку се е според закон регулирано, си има процедура – за ,,Фокус” вели министерката за образование Мила Царовска, по повод случајот со талентираниот осмоодделенец од Штип, кој деновиве ја бранува јавноста.

Веста дека барањето на ученикот Дамјан Давков и неговиот наставник Кокан Радев од основното училиште ,,Ванчо Прќе” од Штип е одбиено, и покрај тоа што освоил прво место на државен натпревар по математика, прва година, не му следувала парична награда бидејќи тој бил ученик во основно образование, а наградата им следувала на ученици од средното образование, ја објави неговата мајка Никица.

-Еве како во Македонија се ценат талентираните ученици! Очигледно во законот нема предвидено вакво нешто. Да учествуваше за основно училиште, ќе му следуваше, а вака – Не! – реагира мајката, која го објави и решението потпишано од министерката Мила Царовска, со кое се известуваат дека барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на натпреварот се одбива.

Понатаму, мајката пишува дека нејзината објава е реакција на апсурдноста.

-Не станува збор за тоа дали ќе ја добие наградата. Но, доколку законот погрешно е толкуван, не е во ред. Доколку законот вели така, тогаш воопшто нема смисол, па нека си го сменат. Денес сме ние, утре истото ќе биде за друг ученик. Толку е – објави Давкова.

Објавата ја проследија бурни реакции на јавноста и масовно се споделува на социјалните мрежи. Актуелни се прашањата дали ова е начинот на кој се ,,поттикнуваат” талентираните ученици во земјава, и како може да се дозволи ученикот наместо поттик од државата, па и доделување на поголема награда поради тоа што е помлад од останатите учесници на натпреварот, да доживее вакво разочарување, бидејќи со закон не биле предвидени вакви случаи.

На прашањето дали може да се најде друго решение, со кое ученикот ќе добие признание за својот успех, наместо актуелното одбивање за доделување на парична награда, министерката вели дека ова е единствениот механизам кој го има во системот.

Штипјани, кои се запознати со случајот и кои знаеле за талентот и успесите во областа на математиката на ученикот Давков, реагираа и до нашата редакција. Тврдат дека ова е типичен пример кога на дело се гледа дека има пропусти во законите, па не треба да се изненадиме кога талентите ни бегаат од земјава и иднината ја гледаат некаде подалеку, каде ќе се цени и награди нивниот труд.

-Не станува збор за финансиите, колку што сме информирани, тоа е некоја симболична сума од околу 10.000 денари. Важна е пораката која се прати со овој чин, а која може да има само негативен ефект.
Неколку наши сограѓани веднаш се понудија да го наградат момчето и неговиот наставник со сума од 20.000 денари, со цел да му се покаже дека го цениме неговиот труд и постигнатиот успех, но родителите категорично одбија. Кога е толку очигледно дека некој закон се коси со правилното расудување, логично е истиот да се менува – изјавија штипјани кои не контактираа, додавајќи дека целиот град е револтиран од настанот.

Според решението кое го објави мајката, комисија извршила увид во доставената документација, и утврдила дека ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување на паричната награда за освоеното прво место на натпреварот, а против решението може да се поднесе тужба пред Управниот суд на РСМ во рок од 30 дена по приемот на решението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости