Трибализмот раѓа неодговорност

by fokus

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Политичкиот напредок на Република Македонија е на рудиментирано ниво. Основна причина за стагнацијата и деволуцијата на политичкиот развој е појавата на трибализмот, односно поделбата на граѓанството по строги партиски линии. Трибализмот се создава во ситуација кога има длабоко испреплетување на партиската припадност, семејните врски и клиентелизмот. Поделени и укотвени во своите партиски ровови, граѓаните го поистоветуваат својот идентитет со партискиот. Полесно е човек да се откаже од своето семејство, убедувања и уверувања отколку да се откаже од партијата на која ѝ припаѓа. И веројатно сите познаваме такви личности кои немаат проблем да се откажат од својот брачен партнер или од својот најдобар пријател, кои со родениот брат или сестра би се испокарале и закрвавиле за наследството, кои немаат проблем да плукнат на она кое го сметаат за најсвето… но, кои од партијата никогаш и по никоја цена не би се откажале. До толку е силен партискиот идентитет што доминира над другите категории на идентитетот, та човекот пред сѐ се дефинира себеси како член на одредена партија, а тек потоа ги зема на себе и другите улоги кои ги избрал или му ги доделило општеството.

Политичките партии се претворија во племиња. Членовите на партиите, пак, станаа сопственост на партијата/племето. Преминот од едно во друго племе е еднакво на велепредавство. Барањето одговорност од својата партија е поголемо предавство од преминувањето во другото племе. Дури и во ситуациите кога племето греши или пропаѓа, членот мора да остане лојален и да греши и да пропаѓа заедно со племето. Така се доведовме во ситуација членот да го брани племето по секоја цена. Чиниш кога човек станува член на партија ѝ дава на партијата бланко поддршка за сѐ. Притоа, членот го остава настрана својот разум, своите очи и уши и станува слеп, глув и неразумен извршител на партиските задачи и апологет на партиските одлуки. Партијата се стекнува со атрибутот на безгрешност, односно во умот на партискиот член важи синтагмата: сѐ што прави мојата партија/племе е добро, а сѐ што прави другата партија/племе е зло. Постои само еден единствен критериум при создавањето на вредносниот суд- а тоа е партиската припадност. И овде нема простор за барање одговорност според објективни критериуми. Партискиот член просудува дискриминаторски, без да ги земе предвид фактите и околностите. ,,Нашите’’ се секогаш во право, ,,другите’’ се секогаш криви. И точка.

Политичката криза најдобро го илустрира ова. Проектот ,,Вистината за Македонија’’ многу прецизно го разобличи криминалот, моралната ерозија и недостатокот на капацитет на власта; сепак, нејзините поддржувачи се спремни на сѐ за да го негираат фактот дека нивното раководство е отаде нормалноста. Какви се не приказни се изнаслушавме со цел да се прикрие одговорноста на раководството на ДПМНЕ: де жолти комбиња, де странски служби, де името, де турски тек, де алшаритот… пропагандата работеше со полна пареа за да се избегне одговорноста. Всушност, можеме да се присетиме и на многу други случаи и пред да излезат во јавноста снимките од ,,бомбите’’ на Заев кога раководството на ДПМНЕ одбиваше да преземе одговорност, а следбениците целосно го амнестираа раководството. На пример, иако Груевски ветуваше економски препород, сепак неуспехот на својата економска политика го припишуваше на светската економска криза и на грешките од 90тите. Тој беше спремен во секое време да пресече некоја лента или да се пофали за некој (квази)успех на македонската економија, но одговорноста за неуспесите никогаш не ја лоцираше во самиот себе. Неговите следбеници му останаа лојални и тие никогаш не го прашаа до каде е остварувањето на ветената преродба, туку тие беа уште погласни во обвинувањето на политичарите од минатото за денешната лоша економска состојба. Ќе се сетите и за несреќниот случај со она мило девојче по име Тамара, чиј живот прерано згасна заради неодговорноста на системот. Сепак, министерот Тодоров не чувствуваше никаква одговорност, а членовите на ДПМНЕ започнаа по телевизиите и социјалните мрежи да ги обвинуваат родителите на Тамара за црната судбина на своето чедо. Пред само неколку недели ДПМНЕвското племе ја изрази својата оданост кон безгрешниот лидер истакнувајќи голем транспарент на малиот митинг на партијата на кој пишуваше ,,Никој ништо не ти може Никола’’- транспарент кој му дава одврзани раце на лидерот да постапува онака како што му е волја зашто нему никој ништо не му може, а племето е тука да се погрижи за тоа. И да не заборавиме дека деновиве се соочуваме со еден голем скандал кој повторно ни го илустрира инфантилното однесување на раководството на ДПМНЕ и бланко поддршката на племето- Диме Спасов е жив фатен како престапник на законот, но племето ќе направи сѐ и ќе измисли секакви теории за да го оправда својот пулен. Фабриката за пропаганда по добро познатиот рецепт (Албанци+ криминалци+ блиски до СДСМ+ СДСМ нема програма) создаде неколку неверојатни и контрадикторни стории само и само да се прикрие одговорноста, а следбениците се спремни сториите да ги верификуваат и да ги бранат со сите свои сили.

Има безброј примери на неодговорно и детинесто однесување на ДПМНЕвската елита. И покрај сѐ, ДПМНЕ не успеа да изнајде сили и морален кредибилитет да побара одговорност од своето раководство и да се реформира. Тоа дополнително ја потврдува претпоставката дека трибализмот е основна карактеристика на ДПМНЕвската политика. Трибализмот, пак, создава совршени услови за раѓање и одржување на неодговорноста.

Политичкиот развој фундира врз одговорноста- како правната, така и политичката одговорност. Ако сакаме да напредуваме мораме да воспоставиме силен систем на одговорност на политичарите пред законот и пред граѓаните. Тоа е можно само со воспоставување на силни институции кои ќе го спроведуваат законот и со еволуција на граѓанската свест. Институциите мораат да го спроведуваат законот над политичарите онака како што го спроведуваат и над продавачите на марули и над оние кои произведуваат ајвар во домашни услови. Граѓаните мораат да сфатат дека партиите не се безгрешни и дека од своите партиски лидери треба да бараат одговорност. Комбинацијата на правната и политичката одговорност е единствениот рецепт за напредок. Редно време е да излеземе од оковите на трибализмот и да размислуваме пред сѐ како слободни граѓани, а не партиски членови.

Република Македонија има ретка историска шанса. 11 декември ќе биде денот кога граѓаните ќе имаат можност да ги казнат неодговорните политичари, а со тоа и да ги ослободат институциите од силните стеги та тие да можат да ја процесираат и кривичната одговорност на оние кои се огрешиле пред законот. Можеби за прв пат ќе ја внесеме категоријата на одговорноста во македонската политика и со тоа ќе го отвориме патот за политичкиот развој кон едно подобро, поправедно и попросперитетно општество за сите нас.

Поврзани новости