Трет ден протести во Тирана, судир меѓу полицијата и демонстрантите

by Фокус

Албанската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите во центарот на Тирана, кои трет ден по ред се собираат протестирајќи против полициската бруталност. Центарот на Тирана го обезбедуваат 1.500 полицајци.

На почетокот на протестот приведени се неколку момчиња кои на полицајците фрлале со камења и шишиња. Прво, демонстрантите се судрија со полицијата пред зградата во која се наоѓа кабинетот на премиерот Еди Рама, на чија адреса се упатени и критиките на демонстрантите.  Подоцна, демонстрантите и полицијата се судрија уште три пати.

Протестите се организирани откако полицаец уби младо момче што не се одѕивало на повиците да застане поради кршење на полицискиот час. И покрај забраната за собирање воведена поради пандемијата од корона вирус, стотици демонстранти се собраа пред зградата на Владата во Тирана, фрлаа камења, факели и петарди на полицијата. Тие пак одговорија со водени топови и солзавец за да ги растераат демонстрантите.

Протести денеска избија и во други градови во Албанија. Во претходните два дена протести, полицијата уапси 62, а обвинение е покренато против 116 лица, заради одржување протести во време на пандемија, како и за кршење на јавниот ред и мир и предизвикување пожар. Повредени се 21 полицаец и четворица демонстранти.

Поврзани новости