Се враќаат старите цени за осигурување при регистрација на возила

by Fokus

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во Министерството за финансии одлучи да се укине поскапувањето на полисите за автоодговорност со што се враќаат старите цени, било решено на денешниот нов состанок во Министерството, откако осигурителните компании самоиницијативно ја поскапеа задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила за 15,4 отсто.

Комисијата предлага измени на Тарифата за премии за осигурување со кои трошоците за вршење дејност на осигурителните компании се ограничуваат на 15 до 30 отсто од техничката премија, со што ќе се вратат старите цени. Конечната одлука треба да ја донесе владата.

Владата ја утврдува техничката премија, но досега немаше горна граница на трошоците за дејност, па осигурителните компании минатата недела ги зголемија.

За возило од 44 до 55 киловати поскапувањето беше околу 850 денари. Поскапувањето беше уште поголемо кај возилата со поголема моќност.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска излезе со анализа дека осигурителните компании се „полни како брод“ и оти поскапувањето е неоправдано.

Според нив, трошоците од работењето може да се намалат со намалување на огромните провизии што им ги исплаќаат на посредниците за продажба.

Анализата покажува дека над 45 отсто од трошоците за вршење на дејноста на 11 осигурителни компании, односно над 17 милиони евра, се потрошени за исплата на провизии.

Ова осигурување е задолжително при регистрација на возилата, а неговата цена ја утврдува државата, па се поставува прашањето зошто компаниите имаат потреба од посредници кои толку многу ги плаќаат.

Анализата покажува дека во 2023 година, 11 осигурителни компании наплатиле над 4 милиjарди денари осигурување за автоодговорност, односно над 65 милиони евра.

Со сè зелени картони и гранично осигурување вкупно се наплатени 87 милиони евра од граѓаните.

Од нив, за штети исплатиле помалку од 40 милиони евра, односно 45 отсто од премиите.

Поврзани новости