Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Трајко Вељаноски пристигна во Кривичниот суд каде денеска треба да даде исказ за настаните од 27 април, кога тој ја извршуваше функцијата претседател на Собранието.
Вељаноски е сведок предложен од обвинетиот Горан Ѓошевски Леви. Неговото сведочење, заедно со уште неколкумина други сведоци предложени од одбраната, беше одобрено откако Судечкиот совет одлучи да ги прифати листите на докази предложени по 20ти август, иако со тоа беше пробиен законскиот рок.
Обвинителството претходно истакна дека нема да се противи доколку судот ги прифати листите, бидејќи, како што истакна обвинителката Вилма Рускоска, затоа што станува збор за битен предмет.
Вељаноски и останатите сведоци чекаат да почне денешното рочиште. Почетокот на судењето е пролонгирано поради технички причини, имено во судот во моментов нема струја.
Како што велат од Кривичен, утринава во новата зграда се активирал алармот, поради што била исклучена струјата во целата зграда, за алармот да се деактивира. Почеток на судењето се чека и во предметот Монструм, кој требаше да почне исто така во 10.00 часот.