Традицијата на неостварените инфраструктурни и културни ветувања во Општина Тетово

by fokus

Општината Тетово важи за една од најзагрозените во полето на инфраструктурните и културни достигнувања. Според извештаите за презадолженост на Министерството за финансии,  Тетово се најде на прво место. Изминатата деценија беше прогласуван за загаден град, а огромен дел од младинската популација сака да се исели. Општината Тетово согласно последниот направен попис во 2021 година брои 86.580 граѓани, од кои 20,19 % се млади лица од 15 до 29 години од различна етничка припадност, односно стапката на младинската популација со тенденција се намалува.

Еден од проблемите со кој се соочува оваа општина, а со тоа и градот Тетово е немањето на основни инфраструктурни објекти кои ќе бидат наменети најмногу за младите, како и запуштање на постоечките објекти од културно значење во ова место. Ако еден млад човек се упати кон Тетово таму освен што ќе ги види превисоките облакодери изградени и подигнати без постоење на било каков вкус и ред, наредени една до друга зграда спротивно на сите архитектонски и градежни правила кои ги покриваат прекрасните пејзажи кон Шара, ќе ги види и објектите на напуштените индустриски капацитети кои со транзицијата во нашата земја се оставени на забот на времето. Тоа се зградите на фабриките Тетекс, Теал, Македонија Табак, ШИК Јелак и останатите некогашни производствени капацитети.

Тетово има огромен број на неостварени, но ветени инфраструктурни достигнувања за кои овој град и неговите жители навистина имаат потреба. Оваа општина, иако во неа има град кој што е петти по големина во државава и работат два универзитета, нема некои основни работи како кино, театар, соодветна библиотека со читална, спортска сала и ред други работи.

Разговаравме со младите активисти Бленди Ходаи и Бошко Видоевски за тоа како функционира младинската соработка во овој град и тоа колку Тетово има потреба од инфрастурктурно (ре)конструирање.

На прашањата поврзани со инфраструктурните проекти кои ги испративме до Општина Тетово, општината не ни одговори, туку не упати податоци да бараме преку слободен пристап до информации.

Младиот активист и претседател на неодамна отворениот Центар за младински активизам во Тетово, Бленди Ходаи ни раскажа за тоа каков е односот помеѓу младинската популација и властите во Општината Тетово.

Бленди Ходаи: Младинската соработка во Тетово функционира исклучиво и само меѓу невладините организации

На прашањето како се реализира младинската соработка во оваа општина и дали младинската популација е доволно активна Бленди вели дека младинската соработка во Тетово функционира исклучиво и само меѓу невладините организации кои се во овој град, додека помеѓу младите и општинските власти речиси и да ја нема воопшто. Тој вели дека поради крајното поларизирано општество, партизираноста на единственото локално тело кое е во состав на Советот на Општина Тетово, Советот на млади, и од друга страна незаинтересираноста на општинските власти искрено да работат на решавање на проблемите со кои се соочуваат младите, според истражувањата на Форумот за образовни промени (ФОП) кои се спроведени во јануари годинава, мнозина од нив сметаат дека општината е несовесна кон нивните потреби и дека им е многу тешко да стапат во контакт со претставниците на општината кога им е потребно.

Но и покрај ова младите сепак наоѓаат начини да бидат активни, вели Ходаи.

„Тоа е и причина поради која е отворен Центарот за младински активизам во Тетово. На сите млади лица кои живеат во Тетово им е достапен клучот од просториите на Центарот, за преземање на различни иницијативи, и речиси секоја недела има различни културни активности наменети за млади луѓе како клуб на книги, дебати, обуки со млади луѓе, гледање филмови и така натаму. А сето тоа со една единствена цел што повеќе да се поттикне активизмот, што е можно повеќе меѓу младите тетовци, и да се создаде младина која знае да размислува критички и да не се согласува со одреден статус кво каков што го сервираат политичарите и повозрасните“, вели Ходаи.

Тој нагласи дека Центарот за младински активизам во Тетово е единствената младинска организација во Тетово која што вистински им нуди повеќе алтернативи на младите Тетовци за нивно активистичко делување и како што веќе нагласи слободно отстапување на просториите на секој млад човек кој што сака да преземе иницијатива за подобрување на условите за живеење во градот.

Центарот секојдневно работи со младите луѓе во Тетово на развивање на слободната критичка мисла, ги учи за формите на застапување и како една иницијатива да биде целосно спроведена. Организацијата основач на овој Центар, Форумот за образовни промени (ФОП) е фокусирана на подигање на квалитетот на високото образование во државава, па согласно тоа Тетово како град на два универзитета, и Центарот се обидуваа да придонесат кон тоа да биде вистински младински и студентски град.

Центарот смета дека Тетово како таков град кој е и академска средина треба да има соодветна градска библиотека со читална, кино сала и други простории за рекреација и култура, за разлика од сега кој единствен простор во градот каде можат да се пронајдат младите се локалните кафулиња.

На прашањето зошто стагнира изградбата на тетовскиот театар, Бленди вели дека согласно истражувањата на ФОП, за тоа се одговорни повеќе фактори, покрај непостапувањето на актуелната локална власт, како децениското лошо владеење на претходните градски власти, чие неодговорно владеење општината ја чини задолженост од 24 милиони евра.

Тетовскиот театар се ветува повеќе од една деценија на речиси сите изборни циклуси од 2005.

За урабистичката ситуација на градот Тетово и на она се што му недостасува разговаравме и со м-р Бошко Видоески, архитект, активист и еден од иницијаторите на активноста „Тетово сака парк” која етнички поделениот град го обедини и привлекува внимание веќе една година.

Бошко Видоески: Во Тетово практично не постои урбанистичко планирање во вистинска смисла на зборот

Бошко ни потврди дека според неговите стручни проценки во Тетово фактички не постои урбанистичко планирање во вистинска смисла на зборот согласно законската регулатива, односно воопшто не се испочитувани основните начела кои произлегуваат од законот како почитувањето на јавниот интерес, хуманизацијата на просторот, рамномерниот просторен развој, рационалното уредување и користење на просторот, унапредување на условите за хумано живеење, почитувањето на градежните бариери, унапредувањето на квалитетот на животната средина и зачувување на просторните и културните вредности на градот.  Според Видоески  овие ситуации доведуваат до аномалии во урбанистичкото планирање.

Тој посочува дека урбанистичкото планирање влијае врз квалитетот на воздухот во градот, квалитетот на рекреацијата, добивање простор за прошетка, количината на нивото на соодветна светлост, чистотата и еколошкото опкружување и постоење на сообраќаен хаос, како и на нашата лична безбедност дали некој не набљудува од другиот прозорец додека сме дома. Додава дека урбанистичкото планирање во Тетово е сведено исклучиво на издавање дозволи за изградба, популарно наречените маркици, и нови бизнис можности на инвеститорите, кои најчесто се една до две градежни фирми кои имаат одредени политичко – бизнис релации со општинската власт.

Според него, најодговорна за целата оваа ситуација е законската регулатива која се пишува исклучиво во интерес на неколкуте градежни компании и инвеститори.

„Основните одредби од Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање за хуманизација и јавен интерес при градењето за градот Тетово дефинитивно не важат. Измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план, и сета проектна документација која произлегува од истиот, се работат исклучиво во корист на инвеститорите. И како наводен иницијатор и предлагач се јавува исклучиво тие“, објаснува Бошко.

На прашањето колку Тетово има потреба од зеленило Бошко вели дека тоа е енормно повеќе од неопходно. Објаснува дека во Тетово буквално не постои парк како зелена површина. Оние две поголеми градски зелени површини кои во Тетово наводно се идентификуваат како парк од јавен карактер не ги ни исполнуваат потребните законски услови за да бидат тоа согласно Законот за урбано зеленило. Бошко ваквите површини ги нарече плоштатки, односно паркот Жената – борец и паркот кај Шарена Џамија кои не можат ни приближно да се наречат градски паркови.

Кога сме кај зелените површини на овој град, според Бошко му недостасуваат и зелени појаси во рамки на сообраќајниците и булеварите, зеленило помеѓу блоковите згради, високо зеленило и дрвореди. Дрвјата во градот од страна на јавното комунално претпријатие во градот се кратат без претходна консултација со општинските власти и со граѓаните. Бошко ни посочи на дрвјата заштитени со закон во градот кои се од особено историско и културно значење, односно елката пред Домот на културата „Иљо Антевски – Смок”и старата врба која се наоѓала во рамки на зградата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија биле исечени без било какво претходно испитано мислење од страна на институциите и граѓаните.

Од сето ова може да се каже дека во услови каде урбаните населби во светот треба да добијат еден нов социјален и хуман карактер, Тетово е далеку од тоа.

Овој текст е напишан од младинскиот активист Јовица Димитроски и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

Поврзани новости