Тодоров не присуствувал на синоќешната седница на ИК на ВМРО

by Фокус

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров не присуствувал на синоќешната седница на ВМРО-ДПМНЕ, кој со огромно мнозинство ја отфрли иницијативата за одложување на вонредниот изборен конгрес, дознава Фокус од високи партиски извори.

Тодоров беше еден од најблиските соработници во владата на се уште актуелниот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој учествуваше и во пржинските преговори за надминување на политичката криза. По повлекувањето на Груевски од владата согласно Пржинскиот договор, тој стана вицерпемиер во владата предводена од техничкиот премиер Емил Димитрев.

На оваа позиција, тој се задржа до парламентарните избори, на кои ја предводеше пратеничката листа на партијата во втората изборна област. Откако ДПМНЕ не успеа да формира влада, Тодоров се повлече од пратеничката функција за да и се посвети на адвокатурата.

Тој подолго време се споменуваше како еден од можните наследници на Груевски на лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа не влезе во трката за избор на нов лидер, иако, како што велат партиски извори, го убедувале многумина блиски соработници, како довчерашниот градоначалник на Аеродром Ивица Конески, поранешниот министер за труд и социјала Диме Спасов и други.

Исто така, на вчерашниот ИК на ДПМНЕ не присуствуваше и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој предмалку изјави дека пред еден месец се повлекол од највисокото партиско тело поради различните видувања за изборните резултати, начинот на носење долгорочни одлуки и, како што вели, чувството дека тие водат кон внатрепартиски поделби.

Инаку, зад негова кандидатура на претстојниот конгрес стоеја видни партиски членови и функционери предводени од Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Велјановски, Борис Змејковски и други сегашни и поранешни пратеници и градоначалници, кои обвинија за лоша организација на Конгресот и фаворизирање на Мицковски.

Сепак, нивниот предлог за одложување на конгресот бил одбиен на вчерашната седница на партискиот ИК со огромно мнозинство, бидејќи против биле сите нови членови на највисокото партиско тело, избрани како дел од внатрепартиската реорганизација во пресрет на локалните избори, како и некои долгогодишни партиски функционери, како на пример, Димитриев, Коце Трајановски… Единствено, ексминистерот за финансии Зоран Ставревски и поранешниот пратеник Александар Николоски биле „воздржани“.

Од партијата велат дека седницата била долга, но поминала во коректна и конструктивна атмосфера.

Поврзани новости