Тевдовски издаде збирка од свои колумни во која предлага даночни реформи и мултиетнички партии

by fokus

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска на Економскиот факултет ја промовираше својата нова книга „Патот напред“, во која преку 25 колумни претходно објавени, предлага реформи во даночниот и социјалниот систем. Колумните опфаќаат ставови на професорот и актуелен министер за економскиот раст и социјална кохезија во Македонија во периодот од декември 2012 до ноември 2016 година.

Книгата нуди правила за јавен долг и насоки како да се намали нееднаквоста преку воведување поправедни даноци. Во една од колумните има препорака партиите да бидат мултиетнички, а СДСМ да биде првата таква партија.

-Денеска сме сигурни дека е направено многу повеќе од тоа. Во збирката има разграничување на периодот кога давав предлози како да се решат проблемите и борбата како да се реализираат тие идеи  – посочи Тевдовски.

За време на промоцијата Тевдовски изјави дека странското задолжување, предвидено со буџетот за следната година, ќе зависи тоа каква ќе биде каматната стапка. Предлог буџетот предвидува преку заем на домашниот и на странскиот пазар да се обезбедат околу 470 милиони евра.

-За следната година предвидовме да има можност и за странско задолжување, бидејќи сега имаме ниски поволни каматни стапки на меѓународните пазари, а очекувањата се дека ќе почне да се зголемуваат. Тоа не прави да размислуваме дека можеби е време да излеземе на меѓународниот пазар. Воедно во моментов трите еврообврзници имаат историски најниска каматна стапка и ако се излезе би се добило ниска цена. Во тие рамки правиме анализи – додаде тој.

Тој појасни дека во Предлог-буџетот се предвидени повеќе средства за Министерството за одбрана заради определбата за приближување кон НАТО, а за Министерството за внатрешни работи заради сериозните обврски направени од претходната влада што доспеваат за враќање.

Фото: МИА

Поврзани новости