Годинава биле хакирани 328 македонски веб страници

by fokus

Во периодот од јануари од октомври оваа година биле хакирнаи 328 македонски веб страници, изјави Александар Ацев од Агенцијата за електронски комуникации на денешната јавна дебата на тема „Политики за сајбер безбедност“.

Според податоците на АЕК, во државава се регистрирани 610.000 IP адреси, а интернет услуги даваат 101 провајдер.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на дебатата најави дека Владата дала зелено светло оваа година на Воената академија во Скопје да се започне со последипломски студии за сајбер безбедност.

-На овие студии ќе бидат поканети да конкурираат луѓе од бизнис секторот, но ќе биде овозможено и стипендирање на луѓе кои работат во администрацијата, а кои сакаме да се специјализираат на тема сајбер безбедност – рече Шекеринска.

Министерката додаде дека безбедноста одамна не е концепт кој припаѓа единствено на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, дека главните напади се напади на инфраструктурата која ја користат сите луѓе и дека за нејзина заштита потребна е синергија.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека има потреба од именување на национално надлежно тело за надзор и воспоставување на тимови за одговор на компјутерски инциденти. Тој дополни дека за ефикасно спроведување на обврските на овие тимови, потребни се човечки капацитети, но и соработка помеѓу приватниот сектор и државните институции.

Фото: МИА

Поврзани новости