Во продолжението на судскиот процес против Стојанче Јовановски, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинителката Адела Бојчевиќ изведе повеќе материјални докази, меѓу кои и видеоснимки кои, според обвинението, документираат континуирано семејно насилство врз неговата сопруга Ивана Јовановска.
Случајот се однесува на трагедијата од 2 март 2026 година, кога Ивана Јовановска го загуби животот по пад од шести кат во скопската населба Тафталиџе, при што животот го загуби и нејзината шестгодишна ќерка Катја.
На Стојанче Јовановски му се суди за три кривични дела: телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Прва снимка – семејна расправија по пријава на 112
Првата видеоснимка, направена на 10 февруари годинава од мобилен телефон на обвинетиот, е снимена по тоа што Ивана претходно пријавила семејно насилство на 112.
На снимката се гледа како таа стои во ходник пред станот, видно вознемирена и расплакана, додека му се обраќа на сопругот со зборовите: „Не ме удирај веќе“. Во текот на расправијата таа повторно прашува зошто била удирана, додека обвинетиот одговара дека не ја удира.
Во снимката, според изнесеното во судница, се гледа и како таа упатува обвинувања за физичко насилство, додека тој реагира со негирање и иронични коментари.
Ивана во истата снимка наведува дека претходно го пријавила случајот во полиција, додека обвинетиот изнесува свои тврдења и обвинувања во врска со настанот и трети лица.
Втора снимка – повторна расправија
На вториот видео-запис, Ивана повторно се гледа вознемирена и расплакана во ходникот пред станот, додека обвинетиот ја снима.
Таа повторно го обвинува за физичко насилство и наведува дека претходно повикала полиција. Во текот на снимката се слушаат расправии и меѓусебни обвинувања.
Обвинителството презентираше и видеоснимки од денот на трагичниот настан, на кои, според обвинението, се гледа како обвинетиот, заедно со Ивана Јовановска и Мартин Саздов, се наоѓаат во близина на Кривичниот суд околу 11:30 часот.
Според тврдењата на обвинителството, на снимките се забележува вербална расправија и физички инцидент, по што следела интервенција на полицијата, која по кратка постапка ја напуштила локацијата заедно со присутните лица.
Во судница беа презентирани и психолошко-психијатриски вештачења, како и обемна документација, меѓу која мобилни податоци, медицински извештаи, обдукциски наоди, документи од Центарот за социјални работи Скопје и други материјални докази.